1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Отпис на камати на долговите за 150 000 граѓани

ДТЗ
29 јуни 2021

Законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци ќе им овозможи на граѓаните да ја исплатат само главнината на долгот на повеќе рати.

https://p.dw.com/p/3vle2
Nordmazedonien Premierminister Zoran Zaev
Фотографија: Government North Macedonia

На над 150 илјади граѓани ќе им бидат отпишани каматите на долговите кон државните органи и јавните институции. Тие ќе можат главниот долг и трошоците да ги платат на рати. Станува збор за нова мерка за ублажување на последиците од пандемијата во С. Македонија, а е предвидена со новиот предлог-закон за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на физички лица во услови на Ковид-19. Ова законско решение го усвои Владата и ќе биде испратено во Собрание.

Премиерот Зоран Заев не очекува да има негативни финансиски импликации од ова законското решение. Тоа ќе им овозможи на граѓаните, растоварени од притисокот на каматите, да ја исплатат само главнината на долгот на повеќе рати.

-повеќе на темата: Приватните компании резервирани за идејата на Заев за простување камати

„Практично, ова законско решение е еднократна помош за решавање на проблемот на граѓаните кои со задоцнето плаќање, или неплаќање на долговите кон државните органи, акумулирале дополнителен долг врз основа на каматите. Тука се опфатени пред се најсиромашните граѓани“, вели Заев.

Законот се однесува на државните и јавните претпријатија. Премиерот на денешната прес-конференцијата упати апел до приватните компании доброволно и со „демонстрирање општествена одговорност“, да им излезат во пресрет на граѓаните и да им ги отпишат каматите.

-повеќе на темата: Ковид-пакет: Дали владините мерки за стопанството се по мерка?

Државните органи и јавните институции опфатени со овој закон и Управата за јавни приходи, се должни да го утврдат износот на главниот долг, трошоците и каматата на секој граѓанин во рок од 90 дена од денот на влегување во сила на овој закон. Потоа, најдоцна во рок од 15 дена, ќе треба да ги известат физичките лица кои се јавуваат како нивни должници, со објава на официјалната веб-страница на државните органи и јавните институции, преку медиумите или, пак, преку известување на сметките што ги добиваат граѓаните по пошта.