Специјалните сили ја слабеат ИД во Авганистан
8 мај 2017Специјалните сили на авганистанската војска во заедничка операција со американската армија го убиле предводникот на терористичката организација Исламска држава во Авганистан. Операцијата во провинцијата Нангархар била изведена уште во минатата недела, соопшти претседателската палата во Кабул.
И американските борбени сили ја потврдија смртта на Абдул Хасиб во напад извршен на крајот на минатиот месец во источниот дел на Авганистан. Неговото засолниште, како што беше соопштено во Вашингтон, се наоѓало во близина на комплексот од тунели врз кој САД на 13 април ја фрлија најголемата неатомска бомба, таканаречената „мајка на сите бомби“.
„Неверојатни способности“
Хасиб е лично одговорен за смртоносниот напад врз воената болница во Кабул на 8 март годинава, соопшти Пентагон. Притоа според официјалните податоци убиени беа 49 лица а повеќе од 70 беа ранети.
„Хасиб им издал наредби на борците на ИД да ги обезглавуваат локалните племенски старешини пред очите на нивните семејства“, се вели во соопштението на Пентагон. Покрај Хасиб во координираната операција биле убиени уште 35 борци на терористичката милиција. Американското министерство за одбрана проценува дека во Авганистан преостанале уште околу 100 припадници на Исламска држава.
Им симнувам капа на нашите авганистански партнери поради неверојатните способности“, изјави американскиот командант Џон Николсон во реакцијата за операцијата во Нангархар. „Оваа борба ги јакне нашите напори, да го оттргнеме Авганистан од рацете на терористите и да донесеме мир и стабилност во оваа извонредна земја“, истакна американскиот генерал.