1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Споделете наместо да купувате

Хилке Фишер / Е.М. Фиданоска8 септември 2015

Да се сподели, а не да се поседува. Таканаречената „Шеринг Економија“ е добра за околината и за заштеда на природни ресурси - гласи теоријата. Но, во пракса на мног корисници на крајот им е само до евтина потрошувачка.

https://p.dw.com/p/1GS3o
Фотографија: picture-alliance/dpa

Соба преку „Ербнб“ (Airbnb), наместо во хотел. „Каршеринг“ наместо сопствен автомобил. Џемпер преку интернет платформи за размена на алишта, наместо од продавница. „Шеринг Економија“, како што говори самото име, се темели на размена и употреба на стока, која веќе е во оптек. И е во мода.

Глобална заштеда

И компании специјализирани за „Шеринг Економија“ ги нудат своите услуги врбувајќи со аргументи поврзани со екологија. Така на пример, „Ербнб“, интернет платформа која нуди приватно сместување, се пофали дека минатата година заштедила емисии на јаглерод диоксид колку што годишно произведуваат 200.000 автомобили. Во една студија на францускиот институт ИДДРИ се тврди дека во идеални околности „Шеринг Економија“, може да ги намали количествата отпад во западните домаќинства за една петтина.

„Идеалната претстава, која се поврзува со ваков вид на потрошувачка е да се користи помалку, но поквалитетно“, вели Катарина Истел од Сојузот за заштита на природата (НАБУ). Но, идеалите се едно, а реалноста е нешто сосема друго. Всушност, вистинското влијание на „Шеринг Економија“ и нејзиниот еколошки ефект е тешко да се измерат. На пример, „Каршеринг“ - платформата за споделување на автомобили. Минатата година повеќе од милион Германци го користеа овој облик на превоз. Но, дали тие корисници се откажале поради тоа од купување на нов автомобил? Или, можеби уште пред да го откријат „Каршеринг“ користеле многу поеколошки средства за превоз, како воз или велосипед?

Спротивен ефект

Во случај на последното, тоа дури би значело дека еколошкиот ефект со користењето на „Каршеринг“ е влошен. Тоа е далеку од пропагираното. „Потенцијалот е тука, но повеќе од дискутабилно е дали тој се користи или ефектот на крајот е сосема спротивен“, вели Истел.

Во една од малубројните студии на тема еколошка одржливост на „Шеринг Економија“, американскиот социолог Џулиет Скор докажа дека „Ербнб“ и не е толку поволен за околината, како што тоа сака да го прикаже компанијата. Токму поради многу ниските цени за ноќевања, корисниците многу почесто патуваат и со тоа загадуваат многу повеќе отколку кога би оделе на одмор само еднаш во поскап хотел. На крајот, еколошкиот ефект е дискутабилен. Овој феномен веќе доби своето име - „Рибаунд-ефект“.

Герд Шол од Институтот за еколошко-економски истражувања во Берлин смета дека потенцијалот на „Шеринг Економија“ е голем, но се‘ зависи од однесувањето на потрошувачите. „Прашање е на што луѓето ги трошат заштедените пари. Ако станува збор за активности со негативен еколошки ефект, тогаш приказната за заштита на природни ресурси е неодржлива“, вели Шол.

Ferienwohnung in Berlin
Евтините приватни соби имаат подобар клима-биланс од хотелите, но водат и до повеќе патувања годишноФотографија: picture-alliance/dpa

Одржливост наспроти економичност

Но, проблемот е во тоа што „Шеринг Економија“ е спореден облик на трошење, па економистите досега со неа не се занимаваа претерано. Затоа засега и нема ниту студии за еколошка одржливост на ваквата форма на економија. Дали ќе се промени нешто - во тоа малиот број луѓе кои се занимаваат со ваквиот облик на стопанство се сомневаат.

„Секојдневно сме бомбардирани со пораки кои поттикнуваат на поголемо трошење. Тоа, едноставно не се совпаѓа со желбата да се троши помалку“, смета Катарина Истел од НАБУ. Но, останатите експерти, како што е Шол, сметаат дека не треба лесно да се откажеме од платформи, како што е „Каршеринг“. „Моментално ефектот е мал, но на долг рок ’Шеринг Економија’ може да направи многу за заштита на околината“, заклучува Шол.