1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вучиќ ќе има поголем споменик од Груевски

БГ
23 ноември 2020

Среде главниот град на Србија наскоро ќе никне најголемиот споменик на Балканот. За српските власти споменикот на Стефан Немања е историски долг. За критичарите, тоа е монументализам ослободен од естетика како во Скопје

https://p.dw.com/p/3li5E
Serbien Belgrad | Bau eines Denkmals für den mittelalterlichen Fürsten Stefan Nemanja
Фотографија: DW/U. Sabljaković

„Тоа ќе биде најголемиот споменик на Балканот“, гордо раскажува за весникот Зидојче цајтунг, Олег Нашкарјов. Тој е атомски инженер од Москва, задолжен за изградба на споменикот на Стефан Немања во Белград. Целиот споменик ќе тежи 80 тони, од кои само бронзената статуа на српскиот херој- 58 тони. Ќе се издигнува 26 метри во небото од Савскиот плоштад (Савски Трг), кој дополнително се пошумува со 250 дрвја. Планирано е изградбата на целиот постамент да заврши уште во ноември, а планот на српскиот претседател Александар Вучиќ е да го открие споменикот пред Нова година.
„Овој споменик е потсетник на основачот на најголемата српска династија во Средниот век“, вели за Зидојче цајтунг, заменикот-градоначалник на Белград Горан Весиќ, и главен контролор на проектот.
Но, најголемиот споменик на Балканот, е и еден од најоспоруваните.
„Не сум против споменик на Стефан Немања- но сум против еден преголем монумент, кој не одговара на историскиот контекст на овој дел и на ова место е гротескен“, вели Добрица Веселиновиќ од граѓанската група „Не го даваме Белград“. Споменикот раскажува една националистичка верзија на Србија, критикува тој. 

-повеќе на темата: Што ќе научи Вучиќ од гатачката на Груевски? 

Заменик-градоначалникот Весиќ ги отфрла критиките.
„Човек може да каже дека и Ајфеловата кула или Статуата на слободата се преголеми. Ова е голем плоштад, и потребен му е голем споменик“.
„Жестоки критики за проектот“, пишува понатаму Зидојче цајтунг, „се слушаат и од експертите, како претседателот на белградската Архитектонска академија или од претседателот на Здружението за заштита на споменици.
„Во времето на Југославија, Белград негуваше извонреден, модерен урбанизам и јавна архитектура“, вели Милена Драгиќевиќ Шешиќ, професорка по Културна политика на белградскиот Универзитет на уметноста. „Дури ни Тито не си дозволуваше да подигнува огромни споменици. А познатата скулптура, која беше поставена по повод првата средба на блокот на Неврзаните во Белград во 1961 година, е еден едноставен обелиск, а не тешка и монументална скулптура“.

Serbien Belgrad | Bau eines Denkmals für den mittelalterlichen Fürsten Stefan Nemanja
Споменикот раскажува една националистичка верзија на Србија, велат критичаритеФотографија: DW/U. Sabljaković

Каков лидер, таков споменик

За режисерот Горан Марковиќ, споменикот е последица на начинот на владеење во земјата.
„Во еден режим како нашиот, диктаторот одлучува: Ова е убаво“, вели тој. За „диктатор“ тој го смета Александар Вучиќ, претседателот кој раководи со 7-милионската држава од 2012 година, според критичарите, колку популистички толку и авторитарно. Во декември 2015 година, тогашниот премиер Вучиќ предложи изградба на споменик на Стефан Немања и придружен музејски комплекс за „Српскиот среден век“. Тогаш се планираше споменикот да има висина од 10 метри заедно со постаментот.
Сличности за актуелните планови на Вучиќ, Зидојче цајтунг наоѓа во Русија и во Северна Македонија.
„Во ноември 2016 година, рускиот претседател Владимир Путин откри споменик висок 16 метри во близина на Кремљ, на светиот Владимир, основачот на Киевска Русија. 

-повеќе на темата: Естетика и политика- кој дух владее со Скопје?  

Во соседна Северна Македонија, која поранешниот долгогодишен премиер Никола Груевски ја водеше исто толку популистички и авторитарно, главниот град, под работно име ’Скопје 2014’, со 136 споменици и статуи беше претворен во некаков квази антички псевдо Дизниленд. Климаксот на Скопје 2014 беше 25-метри високиот споменик на Александар Велики, кој Северна Македонија си го присвои како наводен основач“, пишува Зидојче цајтунг и ја цитира Шешиќ:

„Популистичките лидери го следат точно она што го прават другите. Монументализмот ослободен од естетика од Скопје, се повторува во Белград“.
Проектот за изградба на споменикот, во една контроверзна процедура предводена од српскиот министер за правда Никола Селаковиќ, му припадна на рускиот скулптор Александер Рукавичников. Тој е познат по огромните скулптури според советската традиција во својата земја. Неговата скулптура на царот Александар Втори, московскиот весник „Комерсант“ ја нарече „монументална пропаганда“. Зидојче цајтунг потсетува дека тоа не е првиот споменик во Белград од руска продукција. Во ноември 2014 беше откриен споменик на рускиот цар Николај Втори. Храмот на Св. Сава беше украсен од руски уметници, кои беа платени од Кремљ и од концернот „Газпром“. За актуелниот споменик на Стефан Немања, јавноста не знае ни кој плаќа, ниту колку чини. Официјално, од власта таа информација е прогласена за тајна.
Претставување на тоталитарната моќ

Но, новото пишување на историјата на власта во Белград, не завршува со спомениците. Заменикот-градоначалник на Белград Весиќ за Зидојче цајтунг, објаснува дека ќе се менуваат имињата на сите улици во главниот град.
„Да можевме слободно да го изразуваме нашиот идентитет (во Југославија, н.з.), можеби и ќе избегневме многу конфликти. Сега, кога Југославија повеќе ја нема, се разбира дека ќе го развиваме нашиот национален идентитет“, вели Весиќ.
Споменикот го прикажува Стефан Немања не како свештеник, црковен ктитор или литерат, туку како строг српски владетел, со меч во десната рака, и со текст од Бога за неговото владеење во левата.
„Фигурата е како на царски руски воин. Во советската традиција, монументалните скулптури имале задача, да ја претстават тоталитарната моќ. Споменикот е толку монструозен, што луѓето ќе се чувствуваат како џуџиња. Идејата зад тоа е: Луѓето се ништо, нацијата е се“, вели режисерот Марковиќ.

-повеќе на темата: Моќта на спомениците

Ваквите изрази во споменичната политика, според Шешиќ, не е карактеристична само за Белград. 
„Без оглед дали псевдо-антиката во Северна Македонија, враќањето кон наводниот континуитет со античка Илирија во Албанија или нашето враќање во Средниот век- сите имаат нешто заедничко: Тие ги будат националистичките емоции во регионот. Кај нас не случајно се слави Немањинден: Тоа е ерата во која Србија се шири на Балканот“, вели Шешиќ за Зидојче цајтунг.
Заменикот-градоначалник Весиќ, пак, ги смета аргументите на критичарите „за толку глупави, што воопшто не заслужуваат одговор".
„Луѓето кои го критикуваат овој проект, се анти-национални, ним им е гајле за српската историја. Тие веројатно повеќе би сакале некој споменик на хрватски херој тука. Ние, српската влада и градскиот совет, ги прославуваме српските херои и имаме право на тоа“, вели Весиќ за Зидојче цајтунг.

Скопје 2014: Ослободување без уривање

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема