Спор околу дигиталната библиотека на „Гугл“
8 септември 2009Патрик Бацин со недели беше на удар на критиката. Директорот на библиотеката во францускиот град Лион лани склучил договор со „Гугл“, со кој интернет-џинот добил право за својата интернет библиотека да скенира 500 илјади книги од 15 до 19 век. Противниците на договорот меѓу „Гугл“ и библиотеката во Лион стравуваат дека американската фирма на овој начин станува надмоќна и добива монополска положба, дека тоа ќе води до распродажба на културното богатство. Директорот на библиотеката договорил дигиталните документи да смеат да се најдат и на неговата интернет страница. Освен тоа, тој не мора да плаќа за нив. Инаку, скенирањето на една книга инаку чини 12 до 80 центи од страница.
Проект за кој Европа нема пари
Европската комисија во Брисел ги разгледува аргументите „за“ и „против“. Освен тоа, комесарката за медиуми Вивијан Рединг се состанува со претставници на „Гугл“, на авторите и на издавачите. Таа се изјасни за партнерство меѓу претпријатието и јавниот сектор: „Дигитализиран е само еден процент од книгите во библиотеките. Кој ќе ги дигитализира останатите книги? Тоа е навистина скапо и претставува херкуловска задача за Европа. Јавниот сектор тоа не може да го плати.“
И пратеничката од Партијата на зелените, Хелга Трупл, се залага за скенирање на старите дела, за до нив да добијат пристап што е можно повеќе луѓе. Но, што со книгите кои се издадени минатата година? „Смеат да бидат дигитализирани само дела за кои се почитува авторското право. Се разбира, во такви случаи е неопходно склучување договори, се‘ може да биде регулирано.“
Американските автори најдоа начин за регулирање со „Гугл“. За порамнувањето мора допрва да реши американскиот суд. Ако тој потврди, одлуката ќе важи за сите автори, во цел свет, освен ако авторите не се спротистават, а во име на германските автори тоа го направи министерката за правда, Бригите Циприс.
„Гугл“ со контрааргументи
Американскиот писател Џејмс Глајк пак не ја разбираат скепсата во Европа. „Парите одат кај оние кои ги имаат авторските права. Гугл добива само еден дел од приходите. На пример, ако покрај текстот биде објавена реклама или оглас.“
„Гугл“ сака да ги растера стравувањата. Сантијаго де ла Мора, одговорниот во „Гугл“ за овој проект: „Ние сакаме да го подобриме пребарувањето. ’Гугл букс’ е неверојатен извор на информации, и во однос на квалитетот и во однос на квантитетот.“
Решение за спорот нема да има скоро. Во ЕК велат дека со ова се отвора дебата која може да трае со години.
Автор: Кристоф Пресл/ Жана Ацеска
Редактор: Александра Трајковска