Спор околу Парадата на гордоста во Србија
27 септември 2014За в недела (28.09.2014) планираната Парада на гордоста во Србија предизвикува возбуда. Десничарските групи најавија со сила да ја запрат поворката на хомосексуалците. Претставници на Српската православна црква дури тврдат - годинашните големи поплави се „предупредување поради парадата на хомосексуалците“. Но, активистите не се откажуваат: организаторите ќе се погрижат да биде изведена полна со симболика поворка низ улиците на Белград, откако Парадата на гордоста последните години беше забранувана од безбедносни причини. Имено, во 2010 година десните екстремисти, подготвени на насилство, повредија повеќемина учесници на Геј-парадата.
Без оглед на многуте ветувања од страна на политиката, положбата на хомосексуалците и транссексуалците во Србија речиси не е подобрена, критикува 25-годишниот Никола.
„Постојано сум во страв од можен напад. Се‘ уште се случуваат навредливи дофрлувања на улиците поради мојот поинаков изглед. Ние сме граѓани од втора класа“.
Тој доаѓа од мало место во северниот дел на Србија. Бидејќи тој и неговото семејство биле жестоко навредувани поради неговата хомосексуалност, Никола се иселил и во меѓувреме живее во поголем град, во Нови Сад.
Напад врз германски хомосексуален активист
На правен план, без оглед на секојдневната дискриминација на хомосексуалците, сепак се направени подобрувања, вели Милена Васиќ од Белградскиот комитет на адвокати за човекови права: „Најважната промена се однесува на Законот за антидискриминација. Сега имаме комесар за рамноправност“.
Во 2012 година во Србија беше изменет и Кривичниот законик: „Беше признат концептот на ’кривичен деликт од омраза’. Тоа значи, при пресудата игра улога дали едно кривично дело е мотивирано од омраза - поради религија, национално потекло, пол или сексуална ориентација на жртвата“.
Сепак, многу правни прашања поврзани со хомосексуалците остануваат се‘ уште нерешени.
Ситуацијата на правен план е подобрена, во положбата на хомосексуалците во Србија и натаму е тешка, вели во интервју за Дојче веле пратеникот на германската Партија на зелените, Фолкер Бек: „Тие не само што доживуваат дискриминација и отфрлање, туку се изложени и на физички и психички напади. Тоа ги принудува луѓето да го кријат својот идентитет“.
Затоа хомосексуалците, сите припадници на геј-заедницата таму живеат во постојан страв.
„Многумина од нив сакаат да ја напуштат Србија, зашто веќе немаат надеж нешто да се промени“, вели политичарот и активист за човекови права, кој пред две недели отпатува во Белград откако еден германски активист-хомосексуалец беше нападнат и тешко повреден. Овој инцидент за Бек е причина повеќе за задолжително одржување на Парадата на гордоста в недела.
Но, годинава поворката на хомосексуалците не е загрозена само од сеопштата хомофобија, туку и од општиот штрајк на српските полицајци поради неисплатените плати. Полицајците бараат владата во Белград на викендот да ги откаже сите големи манифестации.
„Тоа личи на договорена игра меѓу надлежните во владата и полицискиот синдикат“, критикува Фолкер Бек. Германската влада треба на Белград јасно да му стави на знаење колку е проѕирна оваа игра и дека може да има консеквенци во пристапните преговори на Србија со ЕУ.
Бек патува за Белград на Парадата на гордоста
Настрана од дебатата дали вакви паради треба да се одржуваат или не, во Србија многу малку се дискутира за проблемите на геј-заедницата: „На власт се луѓе со недоволна сензибилност за оваа проблематика“, вели Драгослава Барзут од српската група на луѓе со хомосексуална ориентација Барзут. Парада на гордоста навистина не може преку ноќ да ја подобри тешката ситуација на оваа група луѓе, но е дотолку поважна во поглед на симболично значење: „Таа треба да докаже дека живееме во земја каде законите вистински нешто значат“, вели таа.
„Дури и ако само десетмина од нас сакаат да организираат Парада, државата тоа треба да го овозможи. Само тоа може да докаже оти сите сме еднакви“.
И Фолкер Бек на викендот патува во Белград, независно дали Парадата на гордоста ќе се одржи или не.
„Посебноста на ситуацијата во Србија е тоа што агресивното хомофобно расположение го шират и политичари и претставници на православната црква“, критикува тој.
„Со заканувачко укажување на насилните судири од минатото, патријархот оваа недела побара забрана за Парадата на гордоста. Подбуцнувачките изјави од политиката и црквата ги легитимираат хулиганите на насилство“, верува Бек. Германија и ЕУ „мораат во рамките на преговорите на Србија за членство во Унијата на одговорните во Србија да им укажат-правата на геј-заедницата спаѓаат во заедничките вредности на европското семејство“.