Спор околу правата на граѓаните на ЕУ во Велика Британија
2 февруари 2018За време на посетата на Кина, премиерката Тереза Меј отвори нова кавга во врска со Брегзит. Таа ја отфрла идејата слободата на движење на граѓаните на ЕУ да продолжи да важи и за време на преодниот период. На почетокот од неделава ЕУ ги усвои своите преговарачки позиции, според кои правниот статус кво во односите меѓу Кралството и останатите земји на ЕУ треба да се примени и во преодната фаза на пост-Брегзит.
Од следниот април ништо нема да се промени, освен што Британците ги губат гласачките права. Ова се чини дека е едноставно и правно чисто решение. Бриселскиот преговарачки тим под раководство на Мишел Барние сосема самоуверено го претстави ова решение. Конечно, на владата во Лондон овој преоден период ѝ е попотребен отколку на Европејците.
Велика Британија како вазалска држава?
Само што беа објавени овие насоки, „брегзитерците“ веднаш најдоа „влакно во јајцето". Велика Британија ќе стане „вазалска држава", коментираше пратеникот Џејкоб Рис-Мог, во моментов еден од најгласните противници на ЕУ. Всушност предлогот од Брисел е сличен со оној со кој се регулираат односите со Норвешка: земјата ги има сите обврски, има целосен пристап до единствениот пазар, но нема право на глас.
Министерот за Брегзит, Дејвид Дејвис, веднаш повика на донесување посебни заштитни мерки против новите закони на ЕУ кои би можеле да стапат на сила во текот на преодниот период. Лондон сака еден вид „праведна клаузула" за да се заштити од можни неповолности. Ова е во основа теоретски приговор, бидејќи додека регулативите на ЕУ да станат ефективни ќе минат неколку години. Или можеби ова е индикација дека Британците всушност бараат многу подолг преоден период од крајот на декември 2020 година, за кој во моментов се разговара?
Од друга страна, политички мотивиран е спорот околу правата на граѓаните на ЕУ, кои сакаат да добијат дозвола за престој во оваа фаза. Тереза Меј смета дека тука не треба да попушта, бидејќи прашањето за миграцијата беше едно од клучните во кампањата и кај многу гласачи одигра голема улога при донесувањето на одлуката за Брегзит. Поради тоа „брегзитерите“ ѝ вршат притисок и се закануваат дека ќе ја соборат.
Тешки преговори
Во овој момент, во Брисел започнуваат неколку преостанати преговарачки кругови. Спорот е во врска со дефинирањето на крајниот датум за стекнување на правата за престој во Велика Британија: конкретниот датум е само описно ставен во договорот за раздвојување од декември 2017 година, но Европејците сега сакаат рокот да важи за време на целиот преоден период.
Повеќе:
- Мобинг врз ЕУ-граѓаните во Англија
- ЕУ-граѓаните стравуваат за својот статус во Велика Британија
И покрај тоа што од многу економски сектори во Велика Британија има барања и апели да се прават исклучоци по ова прашање, за „брегзитерите“ овде лежи фундаментален спор. Банките во Лондон сакаат да продолжат да регрутираат професионалци од ЕУ, земјоделците бараат сезонски работници, на угостителите во Лондон им е потребен персонал, а во здравството има потреба од медицински сестри. Бројот на доселеници од ЕУ значително се намали и веќе е видлив недостатокот на работна сила. Сепак, премиерката Тереза Меј сега категорично појасни дека граѓаните на ЕУ по 31 март 2019 година, што значи ќе навлезе и во преодната фаза, нема да може да добијат право на престој. Конечно тие знаат дека Велика Британија веќе нема да биде членка на Унијата. Прашањето е дали Меј ќе се држи цврсто до оваа позиција што би значело дека преодните преговори нема да завршат навреме до средината на март. Тоа дополнително ќе го намали времето за преговори за регулирање на идниот однос кое и онака е кнап.
Незадоволен парламент
Претставникот на Европскиот Парламент за Брегзит, Ги Ферхофстад одговори на изјавите во врска со слободата на движење: „Граѓанските права за време на преодната фаза не се предмет на преговори". Парламентот на крај мора да ги изгласа и одобри преговорите со Велика Британија.
И во Комисијата за Брегзит, многумина сѐ уште се незадоволни со досегашните гаранции за заштита на граѓанските права. На сослушувањето во Европскиот Парламент, Ана-Лоре Донској од британската организација „3 милиони“ направи долга листа со критични точки: од планиранираната процедура за аплицирање ќе бидат погодени многумина, бидејќи Велика Британија планира да утврди нови правила за жителство на граѓаните на ЕУ, при што многумина може да се соочат со одбивање на барањето. Меѓу нив, на пример се бездомниците, лица во старечки домови, привремено невработени или лица со ниски приходи - сите тие би имале потешкотии да ги исполнат потребните документи за престој.
Таа потсети и на „непријателскиот став" во однос на доселениците кој е дел и од официјалната политика на британското Министерство за внатрешни работи. „Честата погрешна интерпретација на европските закони од страна на Министерството за внатрешни работи е добро позната. Потребни ни се права кои долгорочно ќе бидат заштитени преку Европскиот суд на правдата", бара оваа активистка за човекови права.
И професорката по право Еленор Спавента од Универзитетот Дурхам препознава многу случаи на ЕУ граѓани кои може да имаат проблеми по ова прашање: на пример, децата или мајките кои привремено се грижат за своите мали деца дома, нема да бидат заштитени. Ова исто така важи и за сопружниците од трети земји и патници и граѓани кои се враќаат во Велика Британија по долго отсуство – на сите им се заканува одбивање на барањето за престој во Велика Британија. Според неа, особено критична е клаузулата за „злоупотребата на правото на ЕУ", воведена од Лондон, која може да се толкува премногу широко.
Пресврт или стопирање?
За Тереза Меј овде повторно има две можности: или да направи комплетен пресврт како во договорот за раздвојување од декември, или поради спорот околу преодната фаза да ги турне во ќорсокак. Втората опција се чини е помалку веројатна, но во Лондон, поддржувачите на Брегзит остро ја критикуваа Меј ставајќи ја под голем притисок поради нејзината премногу мека преговарачка стратегија.
Во следните недели, Меј и нејзиниот кабинет треба да ги креира контурите на идниот однос со ЕУ. Но, жестоките кавги продолжуваат да ги делат не само министрите, туку и парламентот во Лондон и политичките партии во Британија. Се чини дека британските преговарачи во Брисел нема наскоро да настапат со јасна преговарачка позиција.