Спор со Кина околу интелектуалната сопственост
26 август 2017Деновиве американскиот ополномоштеник за прашањата за трговија Роберт Лајтајзер најави „темелно преиспитување на кинеските закони, правилници и практики" кои „можеби повредуваат американски права на интелектуална сопственост и им штетат на американската иновација и технолошки развој". Вниманието го привлече најавата со тоа што истрагата ќе се прави во рамки на членот 301 од американскиот Закон за трговија од 1974. година. Во него американскиот претседател се ополномоштува еднострано да воведе даноци или да преземе други мерки за да ги заштити американските компании од „нефер трговски практики" на други земји.
Ако истрагата по една година дојде до заклучокот дека постојат такви околности, повторно е иманентна опасноста од американско-кинеска трговска војна, со која калкулираат, па дури и ја поттикнуваат Трамп и некои негови советници, како (сега веќе повлеченит) Стив Бенон.
Министерството за трговија во Пекинг минатиот понеделник информираше дека американскиот потег испраќа „погрешен сигнал" и дека ќе биде осуден од меѓународната заедница. „Непочитувањето на правилата на Светската трговска организација од страна на САД и користењето национално право за да се спроведе истрага против Кина е неодговорно однесување." Американската критика кон Кина е „необјективна", вели портпаролот.
Велемајстори во копирање - а можеби и во кражба?
Сепак, Кина општо важи за велемајстор во копирање технологии, индустриски дизајн и трговски модели. Тоа не мора секогаш да е јасен случај на крадење интелектуална сопственост или фалсификат. Честопати се отворени копии, како на пример кога Кина на Ајфонот на американскиот производител Епл одговори со поевтина и сопствена верзија на „Хајфон". Компании како Ксаоми, Веибо и Јуку важат за копии на американските примери Епл, Твитер и Јутјуб.
Отворено копирање е една работа, кражба на интелектуална сопственост друга. Американците штетата што притоа ја претрпеле ја проценуваат на 600 милијарди евра. Огромна сума која сепак досега не доведе ниту до повлекување на странски компании од важниот кинески пазар, ниту до цврсти санкции.
Од германска гледна точка проблемот со интелектуалната сопственост во трговијата со Кина има повеќе аспекти, како што појаснува Штефани Шмит од пекиншкото биро на Германската агенција за надворешна трговија (ГТАИ). „Најновата анкета на Германската стопанска комора во Кина покажа дека кај 63% од компаниите кои ги замрзнале своите планови за Кина главна причина била недоволната заштита на интелектуалната сопственост. Но, ако се прашаат фирмите кои веќе работат во Кина кои се главните предизвици, оваа причина е на 10-то место. Побитни им се други прашања како растечките трошоци за работна рака, недостигот од остручени кадри, понискиот економски раст и посилната конкуренција од домашни понудувачи."
„Непосакувано преземање на технологија"
Американскиот експерт за Кина и адвокат од областа на трговско право Ребека Лиао смета дека американските и европските фирми мораат да бидат попретпазливи ако сакаат да фатат чекор на кинескиот пазар. Причина за тоа е јасното барање на кинеските власти да се потрудат за трансфер на технологијата од странските фирми. Очигледно е дека трансферот на технологија и кражбата на интелектуална сопственост не може секогаш јасно да се раздвојат. „Страв од непосакувано преземање на технологијата секогаш постои", вели Штефани Шмит од ГТАИ. „Тоа е посебно акутно прашање кај џоинт венчр бидејќи директно се соработува со кинески партнер и не можеш да бидеш сигурен дека нема стотина метри подолу да отвори иста фабрика." Затоа некои компании истапиле од партнерството и формирале стопроцентна сестринска фирма, откако во 1986-та Пекинг тоа го дозволи за одредени фирми.
Политика на притисок врз странски фирми
Едното можно решение, но кое не одговара за сите фирми и бранши, го објаснува Агата Крац, експерт за Кина при Европскиот совет за меѓународни односи во Лондон (ЕЦФР): „Во основа станува збор за барањата на кинеската влада странските фирми да ги примора нивните технологии да ги споделуваат или со државните институции (заради националната безбедност), или да влезат во партнерства со локални компании од одредени бранши, што исто така подразбира трансфер на технологии". Но, со тоа уште не се исполнети елементите на делото кражба на интелектуална сопственост, вели Крац, затоа пак има „притисок врз странски фирми за да ги споделат или откријат своите технологии."
Правни и политички инструменти надвор од трговската војна на Трамп
И покрај сите критики, експертите велат дека Кина во изминатите години ги има заострено законите за заштита на патенти, трговски марки и авторски права. „Кинеската влада е свесна дека странските фирми не се среќни со кражбите и преземањето на интелектуалната сопственост", вели адвокатот Ребека Лиао. „Знаат дека тоа е проблем и за кинеските фирми".
И Штефани Шмит вели: „Може да се препорача да се искористат сите можности кои ги нуди кинеското право, да се заштитат сите начини на употреба и патенти и повредите да се пријавуваат и да се следат по судски пат. Дали секогаш ќе заврши успешно е друго прашање, но можноста постои."
Политички, Агата Крац понадежен потег отколку заканата на Трамп гледа во тоа со казнени даноци западните влади да притискаат за поголемо отворање на кинескиот пазар и за помалку рестриктивни услови за инвеститорите. Инаку Пекинг ризикува ЕУ и САД со нивните релативно отворени пазари да ги земат уште повеќе под лупа кинеските инвестиции.