1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спорната улога на британската полиција

Б.Мас/С.Недевски14 мај 2014

Во конфликтот меѓу протестантите и католиците кој долго ја измачува Северна Ирска, по децении насилство сега оружјето мирува. Но, соочувањето со мрачното минато е во полн ек...

https://p.dw.com/p/1BLGF
Фотографија: Peter Geoghegan

Кога во Белфаст ќе падне мрак, на многу негови жители им се враќаат сеќавањата, сеќавања на времето кога единиците на политичките екстремисти патролираа на улиците и кога луѓето навечер остануваа дома. Меѓутоа, ни таму не било сигурно.

„Мојот сопруг беше убиен во недела навечер, на 12. февруари 1989., пред речиси 25 години. Вечеравме кога вооружени мажи влегоа во нашиот дом и го убија. Пред мене и децата“, раскажува Џералдин Финукен, вдовицата на Пат Финукен.

14 куршуми го усмртија младиот адвокат Пат Финукен кој беше политички неподобен бидејќи ги спасуваше активистите на Ирската републиканска војска од затвор.

Кен Берет, еден од сторителите, призна дека учествувал во убиството, а по многу години беше и осуден. Беше член на илегалната протестантска организација какви во Белфаст ги има и денес.

Ausschreitungen in Belfast Nordirland OVERLAY
Фотографија: Reuters

Во меѓувреме се дозна дека Берет бил доушник на британската тајна служба. Полицијата атентатот не го спречила, иако знаела за него, а дополнително е спроведена истрага која покажала дека во разрешувањето на случајот имало многу пропусти.

Тајни договори

Семејството на убиениот адвокат верува оти дури и тогашната британска влада знаела дека споменатата организација го планира неговото убиство. „Знаеме што се случило на пониско ниво, но како се качувате по скалата на командна одговорност, работите стануваа сѐ понејасни. Би сакале да знаеме колку знаеле оние на врвот“, вели Џералдин Финукен.

Убиството на Пат Финукен не бил изолиран случај. Новинарката Ен Кадволадер истражила 120 случаи и во сите наводно била вмешана полицијата која соработувала со протестанските егзекуциски единици. „На пример, во повеќе од еден случај имало информации кои можеле да спасат животи. Во многу случаи пред убиствата постоеле тајни договори, а особено по нив. Целта на сето тоа било да се прикрие сѐ, за да се заштитат припадниците на британските безбедносни служби, полицијата и војската“, вели Кадволадер.

Ausschreitungen in Belfast Nordirland
Фотографија: Reuters

Причината за соработката на британските безбедносни служби и протестанските егзекуциски единици било тоа што на крајот на 60-те години конфликтите станувале сѐ покрвави. Еден од предизвикувачите беше т.н. Крвава недела, кога војската убила 14 невооружени католици кои протестираa за поголеми политички и граѓански права. Британците настојуваа да го стават насилството под контрола така што во Северна Ирска испраќаа поголем број полицајци и војници и регрутираа доушници, главно од екремистичките протестански организации.

Предност за помирувањето

Крис Албистон, поранешен британски заменик - началник на полицијата во Северна Ирска, тврди дека поголемиот број од неговите поранешни колеги постапувале чесно. „Мислам дека е важно луѓето да разберат дека доушниците не беа роботи, кои делуваа под инструкција на полицијата. Тоа беа луѓе кои беа во опасна ситуација, тие знаеа дека ќе бидат мачени со денови и на крај ќе бидат убиени“, истакнува Албистон.

Британската влада, додуша, веќе има истражено многу случаи, но семејствата на убиените сметаат оти тоа не е доволно.

Nordirland Belfast
Фотографија: Peter Geoghegan

Таканаречениот Ѕид на мирот во Белфаст сѐ уште ги разделува католичките од протестанските населби. Вистински соживот уште нема. „Разбирливо е семејствата да бараат повторно отворање на истрагите, но ако ги поминеме следните 20 години повторно занимавајќи се со сите тие случаи, како ќе напредуваме како општество? Сепак е поважно да работиме на помирување отколку да продолжиме да копаме по историјата“, потенцира поранешниот заменик-шеф на полицијата на Северна Ирска, Албистон.

Меѓутоа, семејствата на настраданите помирувањето не можат да го замислат без пронаоѓање и изведување пред лицето на правдата на виновниците. А убиствата од минатото и онака нема да исчезнат од сеќавањата.