1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Спорно гласање во Донбас

Бернд Јохан Превод А.Трајковска 3 ноември 2014

Сепаратистите во источна Украина инсценираа фарса. Вистински избор граѓаните немаа на спорното гласање. Мировниот процес од Минск станува безвредна хартија, смета Бернд Јохан.

https://p.dw.com/p/1DfxX
Фотографија: AFP/Getty Images

Луѓето во земјата биле заплашени и во страв поради војната. Изборите и само поради тоа не биле важечки. Вака самоименуваните водачи на „Народните републики“ Доњецк и Луганск пред само една недела судеа за меѓународно признатите парламентарни избори во Украина. Цинично и лицемерно истите луѓе сега организираа нивни сопствени избори - среде воена област, со прикачени калашникови и поддршка од Москва.

Тоа беа псевдо избори на сепаратистички начин. Побединиците однапред се знаеја. На т.н. претседателски и парламентарни избори не беа допуштени проукраински партии и кандидати. Во Доњецк не можеа да се кандидираат ниту проруски ориентираните комунисти. Притоа нивната партија досега таму го имаше едно од нивните седишта. Во областа на Доњецк затоа настапија само две групации. Двете, „Република Доњецк “ и „Слободен Донбас“ следат пред сѐ една цел: отцепување од Украина. И тие сега го цементираа - исто како и сепаратистичките групи во Луганск - нивниот бескомпромисен курс.

Само привидна легитимност

Луѓето во двата источно-украински региони немаа вистински избор. Немаше политички натпревар. Сепаратистите останаа меѓу себе. Со руска поддршка овие луѓе пред неколку месеци речиси преку ноќ дојдоа на власт. А со спорното гласање тие сега сакаат да им дадат привидна легитимност на нивните постапки. Но, фактички овие избори беа само фарса.

Стотици илјади луѓе воопшто не можеа да гласаат. Тие беа прогонети или избегаа од борбите. Веќе поради тоа изборниот резултат не го отсликува односот на политичките сили во регионот. Немаше важечки избирачки список. Така беше лесно можно повеќекратно гласање. Натамошна можност за манипулација исто така имаше и преку гласањето преку интернет кое траеше со денови и исто така неможеше да биде проверено.

Deutsche Welle REGIONEN Osteuropa Ukrainisch Bernd Johann
Бернд ЈоханФотографија: DW/P. Henriksen

Страв, заплашување и несигурност

Многу граѓани, кои останаа во Доњецк и Луганск навистина полагаат надежи во сепаратистите. Но, што друго им преостанува, ако не сакаат или не можат да си заминат? Некои излегоа на изборите само поради тоа што пред избирачките места се делеле прехранбени производи. Повеќето луѓе во регионот меѓутоа живеат во клима на страв, заплашување и несигурност. Наставници, лекари како и сите други државни службеници мораа да ги уверат новите властодржци во нивната лојалност, за натамошно да добиваат плата. А кој не отишол да гласа, тоа сепаратистите јасно го кажаа уште пред спорните избори, тој мора да смета на лични и професионални консеквенци.

Во меѓународни рамки овие сомнителни избори ќе бидат осудени. Но, тоа нема да смени ништо. Имено, сепаратистите имаат поддршка од Русија. Кремљ уште претходно им издаде бланко чек за лажните избори. Москва и водачите на „Народните републики“ меѓутоа со тоа го доведуваат во голема опасност мировниот процес. Имено гласањата се судираат со договорот од Минск, што сепаратистите го потпишаа уште пред два месеца во белорускиот главен град со претставниците на владата во Киев во присуство на Русија и ЕУ. Во рамките на една децентрализација требаше да се одржат локални избори во регионот според украинско право. Но, од тоа сега нема ништо.

Ниту сепаратситите, ниту Русија не се придржуваат до договорите. Наместо тоа треба да се запечати отцепувањето на делови од источна Укриана. Мировниот процес од Минск со тоа во големи делови е безвредна хартија. Во Европа се отцртуваат нови граници - со насилство со оружје и со помош на псевдо-избори.