Wall Street Absturz
7 мај 2010Се‘ се случуваше на само час и половина пред затворањето на берзата на Волстрит. Најважниот индекс на берзата во светот, „Дау Џонс“, веќе покажуваше опаѓање од околу три проценти, што уште и се сметаше за добро, со оглед на напнатата ситуација околу должничката криза во Грција. Тогаш одненадеж дојде до верижна реакција на берзанските шпекуланти, во која индексот загуби дополнителни 650 поени - се’ заедно тоа беше минус од 1.000 поени во еден ден. Експертите велат дека станува збор за, досега, невиден пад на акциите во севкупната стогодишна историја на „Дау Џонс“.
Ова е американска берза...
Ни најискусните трговци на берзата не можат да се сетат дека доживеале такво нешто. „Тоа беше најлудиот ден што сум го доживеал“, изјави Марк Галоренцо. И Џозеф Салуци беше изненаден, но и огорчен: „Ова е берза во САД, а не во Казахстан или така негде“, изјави тој во интервјуто за една американска телевизиска станица.
И нивниот колега од берзата, Арт Кешин, беше вознемирен: „Мислам дека ова беше многу отрезнувачко искуство, кое не’ поучува дека ако не внимаваме, тогаш пазарите можат да реагираат многу нервозно. Мораме да работиме на тоа сите актери да знаат точно што прават. Неопходни ни‘ се кочници за курсот на акциите, зашто во спротивен случај еден ден некој ќе притисне погрешно копче и курсевите ќе се најдат во подрум.“
Потрага по причината
Меѓу првите причини за ваквиот пад на индексот, што ги спомнуваат трговците со хартии од вредност, се сликите од насилството во Грција што можеа да се видат на телевизиските екрани на берзата кусо пред да се случи падот. Можно е некој од колегите панично да одреагирал, плашејќи се дека Европа ќе западне во долгорочна криза. Потоа дошло до верижна реакција, бидејќи компјутерите се програмирани да одреагираат на секој поголем пад на акциите. Други, пак, како можен повод го наведуваат укинувањето на субвенциите за соларна енергија во германскиот Бундестаг, што автоматски ги намали курсевите на претпријатијата од оваа бранша. И како трета можност се спомнува евентуалната грешка во внесувањето на податоците на некој од трговците. Наместо да продаде акции вредни 16 милиони долари, еден од нив продал одеднаш 16 милијарди. Во англискиот, разликата меѓу милионите и милијардите е само една буква, бидејќи милијардите тие ги викаат билиони.
„Дау Џонс“ се опорави
Во секој случај Службата за контрола на работењето на берзите најави опсежна истрага за причините, а раководството на технолошката берза „Насдак“ порача дека ќе ги анулира сите купопродажни трансакции што се случиле вчера во екот на паничната реакција на берзата. Инаку Волстрит ноќеска сепак се опорави, откако трговците сфатија дека нема причина за катастрофалниот пад на акциите и забележа минус од само 3,2%. Тоа не е малку за водечката берза во светот, но во однос на паничните 10% ова е уште и утешна бројка за истрошените нерви на трговците со хартии од вредност.
Автор: Хенрик Беме/Горан Чутаноски
Редактор: Жана Ацеска