Срамна епизода во хрватската историја
23 јуни 2012Пред седумдесет и еднa година, на 22 јуни 1941. година, во шумата Брезовица кај Сисак, под заповед на Владо Јаниќ Цапо, беше формирана првата антифашистичка единици во окупираната Југославија. Хрватска денес овој настан го одбележува како Ден на антифашистичката борба. Меѓутоа, во деведесеттите години на минатиот век беше извршен обид за рехабилитација на поранешните злосторнички сили од Втората светска војна, што резултираше со уште една срамна епизода во историјата на Хрватска: од 1990. до 2000. година, oд шест илјади споменици на жртвите од антифашизмот и НОБ, беа уништени повеќе од половината.
Во тој антицивилизациски и варварски погром беа минирани и срамнети со земја споменици од антифашизмот, а нивните остатоци неретко беа продавани како „старо железо“. Многу од нив освен меморијално-комеморативна вредност имаа и големо уметничко значење, како што се делата на еден од најголемите хрватски вајари на минатиот век Војин Бакиќ. Според пишувањето на весникот, кој во меѓувреме не излегува од печат, „Ферал Трибјун“ уништени биле низа дела на Бакиќ, меѓу нив и неколкумина во неговиот роден Бјеловар и околината, како што е споменикот на Војновиќ. Овде, во 1941. година усташите убиле 195 Срби. Споменикот исчезна одеднаш, па бронзата веројатно е продадена за рециклажа. Во Опузен во 1991. година беше разнесен споменикот на овој автор за Стјепан Филиповиќ, народен херој од тој крај, кој во 1942 година бил обесен во Ваљево. „Споменикот на победата“ во западнославонска Каменска, која уметниците ја сметаа за ремек дело е уште еден споменик на листата на оние кои се минирани, и делови од него најверојатно завршија на рециклажа.
Монументалниот 37 метри висок споменик на Бакиќ за цивилните жртви и партизаните во Петрова Гора, всушност цел меморијален комплекс ,веќе две децении е препуштен на уништување и бавно пропаѓање.
Проблематичен спој на усташтвото и хрватството
„На почетокот на деведесеттите, од страна на властите молчејќи се толерираше, но и се поттикнуваше вандализам. Во контекст на подготовките за војна дојде до национална хомогенизација на тоа отфрлање на вредностите на антифашизмот. Прво се создаде простор за одбрана на татковината, а потоа усташтвото стана легитимен избор. НОБ, која е длабоко патриотска борба за татковината, се изедначи со југословенството, а како се отфрлуваше Југославија, што во моментите на разорување на Вуковар е разбирливо, дојде до многу проблематичен спој на усташтвото со хрватството. Потсетувам тогаш јавно се дискутираше дека некои злосторства се прифатливи, а идејата за ’размена на население’, другиот термин за етничко чистење, беше поздравена и од Слободан Милошевиќ и од Фрањо Туѓман“, истакнува Весна Тершелиќ, шефица на Центарот за соочување со минатото - Документа.
По 2000. година започна бавниот процес на обнова на некои споменици, но Тершелиќ нагласува дека за секој споменик потребна е упорна борба од неколку ангажирани лица. Вели дека нема точни податоци, но според информациите со кои располага, не се обновени ни стотина споменици, односно околу три отсто. Меѓу нив е и споменикот за востанието во Срб, уништен во 1995. година за време на операцијата „Бура“.
Историчарот Вјеран Павлаковиќ во интервју во неделникот „Новости“ предупредува дека иако поголемиот број споменици ги уништи хрватската страна, споменици уривале и властите на т.н. Република Српска Краина, бидејќи не им одговараше приказната за заедничка борба на Хрватите и Србите. Така страдаше споменикот на народниот херој Марко Орешковиќ во Кореница.
„Не сакам да кажам дека треба да се обноват сите споменици и разбирам дека постои потреба за критичка евалуација. Но не се прави ни приближно толку колку би требало и потребни се многу поголеми напори. Хрватска треба да се соочи и да изработи топографија на злосторството во три клучни периоди: од 1941. до 1945., потоа во повоените години и конечно од 1991. дo 1995., што ја вклучува и расправата за насилството над тие споменици, а не само козметичка корекција“, заклучува Тершелиќ.
Јурај Хржењак, активен учесник во НОБ и еден од авторите на монографијата „Уривање на антифашистичките споменици во Хрватска 1990. – 2000.“ вели дека се попишани вкупно 2.964 уништени или оскрнавени споменици, бисти и масовни гробници. „Треба да се додадат уште околу петстотини спомен обележја кои не можевме да ги попишеме, оти во тие општини на власт беше крајната десница, на нашите борци кои сакаат да ги забележат им се закануваа дури и со смрт. Вкупниот број така би бил околу триипол илјади настрадани споменици, а околу 2.600 кои не се урнати. Повеќето од нив се наоѓаат на Истра, Приморје, Загорје и Меѓуморје“ истакнува стариот борец.