Србија: Во употреба пуштен гасоводот „Балкански тек“
1 јануари 2021„Ова е од пресудно значење за натамошниот развој на Србија“, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ на отворањето на гасоводот „Балкански тек“, нагласувајќи дека земјата со гасоводот си обезбедува енергетска стабилност и безбедност, што отвора можност за привлекување нови инвеститори.
Вучиќ прецизираше дека гасот преку тој гасовод ќе се добива по цена од 155 долари по кубен метар, со многу пониски трошоци на транспорт отколку преку гасоводот преку кој Србија досега се снабдуваше.
Според директорот на „Србијагас“, Душан Бајатовиќ, „гасот од овој гасовод“ ќе и' треба на Европа“.
Гасоводот „Балкански тек“ е дел од гасоводот„Турски тек“, кој е проект на руски „Гаспром“ и на турски „Боташ“, кој би требало да обезбеди стабилно снабдување со гас на Турција, јужна и југоисточна Европа, а долг е вкупно 930 километри, со капацитет од 31,5 милијарди кубни метри гас годишно. Првиот крак минува низ Турција, додека вториот крак оди кон Бугарија, Србија и Унгарија. Србија и Бугарија тој дел од гасоводот го нарекуваат „Балкански тек“.