1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Србија и Русија нервозни поради македонските НАТО аспирации

БГ
29 август 2017

Новата македонска влада сака што побрзо во НАТО. Но, тоа не им се допаѓа на Србија и на Русија, пишува австрискиот весник „Стандард“ во анализата за состојбите на Балканот по „дипломатската криза“ меѓу Скопје и Белград.

https://p.dw.com/p/2j0A7
Putin in Belgrad mit Vucic 16.10.2014
Фотографија: Reuters/Marko Djurica

Српскиот дипломатски персонал се врати во Македонија, откако минатата недела изненадувачки беше повлечен од соседната земја, пишува „Стандард“.

„Според српски извори, Македонија претходно ги обвинила дипломатите дека, заедно со руската тајна служба, сакаат да ја дестабилизираат земјата. Македонската влада ги изнела овие обвинувања за да ги убеди сопствените граѓани во потребата од побрз влез во НАТО, се тврди во Белград“, наведува „Стандард“.

„Македонците, од друга страна, тврдат дека немаат поим за што станува збор. Откако во мај новата влада на социјалдемократите ја презеде власта во Македонија, има тензии меѓу двата соседа. Затоа што македонската влада, за разлика од нејзините националконзервативни претходници, сака брзо да ја интегрира земјата во НАТО“.

Против промена на власта

„Србија и Русија беа против промената на власта во Скопје. На Русија ѝ пречи проширувањето на НАТО на Балканот. Затоа, сега игра на 'српската карта' за да го спречи тоа. Досега на српската служба, која никогаш не беше реформирана, ѝ успеваше да влијае во Македонија. И Русија беше активна. Но, тоа веќе не е така лесно со новиот премиер Зоран Заев. Притоа е јасно: доколку Македонија и Косово станат дел од воената алијанса, Србија и БиХ ќе останат единствените земји кои не се членки на НАТО на Балканот.

Затоа е сѐ повидлива вознемиреноста кај проруската фракција. А таа постои и во Белград. Шефот на дипломатијата Дачиќ ѝ се закани на Македонија дека ќе го повлече признавањето под уставното име - како што прави и Грција.

Во БиХ последниве недели е забележливо дека најголемата српска партија СНСД се противи на влез во НАТО, иако тоа прашање воопшто не е тема на дебата. И во Црна Гора, српските партии се против НАТО. Но, за разлика од БиХ, тие немаат никаква можност да го блокираат проширувањето на НАТО. Забележливо е дека сега се лансира една нова регионална иницијатива.

„Опстанок“ на Србите

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик и српскиот претседател Александар Вучиќ сакаат да усвојат декларација за 'опстанок' на 'српскиот културен идентитет' во земјите на екс Југославија. Тие се однесуваат како да се загрозени од некого.

Додик зборува за борба против 'големиот Запад' и вели дека соседите прифатиле улога на 'вазали'. Српската партија во Црна Гора - Нова, се приклучи кон иницијативата. Јован Вучуровиќ од Нова заговара 'културно и друго обединување на Србите од сите српски територии'. Декларацијата треба да биде готова до крајот на ноември“, пишува „Стандард“.