Србија: Напред во деведесеттите!
4 декември 2017Ако се праша Њујорк Тајмс, кој неодамна оцени дека Србија се враќа во деведесеттите, феноменот се гледа главно низ односот на Србија кон Брисел и Русија и фамозното седење на две столчиња. А, тука е и оценката на истиот весник за односот на Србија кон воените злосторства од деведесеттите години од минатиот век и славењето на воените злосторници.
Дали враќањето во 1990-тите е враќање во новинарството на некои од најозлогласените пера на режимот на Милошевиќ? Или враќање во 1990-тите е веста дека Миливоје Павловиќ, незаборавниот министер на информирање во времето на Милошевиќ, сега претседател на програмскиот совет на РТС, барал итен извештај за емисијата по повод последните пресуди на Хашкиот трибунал? Емисијата предизвикала вознемиреност во јавноста, вели Павловиќ.
Можеби враќање во 1990-тите е и одлуката на врвот на Социјалистичката партија на Србија (СПС) да го предложи во Претседателството на партијата Никола Шаиновиќ, хашки осуденик кој веднаш по враќањето од Хаг е вратен во Главниот одбор на партијата.
Враќање на озлогласените мустаќи
Споменатите примери се семо делче од сето она што може да се окарактеризира како враќање во 1990-тите. Најсвежата вест - враќањето на Шаиновиќ во врвот на СПС - шефот на социјалистите Ивица Дачиќ го прокоментира со зборовите дека Шаиновиќ тоа го залужил „зашто достојно ја бранеше Србија во Хаг“.
„Тоа објаснување е чиста бласфемија“, вели за ДВ книжевникот Филип Давид. „Наместо да проговори нешто за злосторствата за кои е осуден Шаиновиќ, на овој начин всушност на доста перфиден начин се поништуваат хашките пресуди. Од друга страна, во врвот на политиката сега се оние кои би требало да бидат лустрирани од политиката. Нека се занимаваат со некоја друга работа, но да се занимаваат со политика во која веќе покажале што знаат и умеат, и поради што на крајот им е судено во Хаг, тоа од морален аспект е недопустливо.“
Никола Шаиновиќ е поранешен премиер на Србија и потпретседател на владата на СР Југославија. Од Хашкиот трибунал беше осуден за воени злосторства на Косово во 1999 година. „Се поставува логичното прашање: дали Социјалистичката партија на Србија се подготвува да ги решава проблемите како што тие се решавани во 1998 и 1999 година?“, вели за ДВ политикологот Јован Комшиќ. „Тука дури не гледам проблем ниту во самиот господин Шаиновиќ. Проблемот го гледам во пораката која се испраќа на овој или оној начин. Дали е тоа порака дека нашата политичка елита не е способна да научи минимални лекции од нашите национални порази и посрнувања кои ги доживеавме во текот на 1990-тите?“, се прашува Комшиќ.
Светски заговор - вечен хит
Филип Давид смета дека враќањето на духот на 90-тите најсликовито се гледа на насловните страници на таблоидите кои се под контрола на „напредњаците“ и на претседателот Вучиќ. „На тие насловни страници секојдневно има славење на осудени воени злосторници како херои. Мислам дека една од поентите на сето тоа е терање одреден инает на меѓународната заедница. А, втора работа е всушност непризнавањето на она што се случило. На тој начин сето она што се случувало се толкува како некој вид нечиј заговор за да се компромитираат Србија и српската политика.“
Како знак на разбудената самодоверба, која особено се зајакна по пресудата против хрватската шесторка, шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ сѐ поостро и поагресивно настапува како на српската, така и на меѓународната сцена. А такво држење лекции на Европа и Америка се изнагледавме и наслушавме токму во текот на 1990-тите.
Јован Комшиќ оценува дека „тоа може да донесе само краткотрајна политичка полза“. „Со кавгаџиска политика не може да се добие ништо, можеби само да им послужи како инструмент на некои други големи играчи на кои им одговара правење неред на Балканот“, нагласува Комшиќ.
Воздржани „напредњаци“
Ако сепак повнимателно се анализираат потезите на врвот на власта, тој дух на 1990-тите е многу поприсутен во јавните настапи и изјавите на челниците на социјалистите и нивните коалициони партнери. Раководството на Српската напредна партија (СНС) е нешто повоздржано и нивната реторика во врска со воените злосторства и војните на просторот на поранешна Југославија е значително повнимателна.
Така, изјавата на претседателот Алексдандар Вучиќ по пресудата за Младиќ беше дадена во стилот: „Ајде да гледаме кон иднината.“ Величањето на Младиќ им е оставено на пониските по ранг апаратчици на „напредњаците“.
„Мислам дека луѓето во врвот на 'напредњаците' со тешка мака се воздржуваат да го кажат она што навистина го мислат“, забележува Филип Давид. „Овде-онде се пробива по некоја изјава која укажува дека волкот го менува влакното, но не и карактерот.“
Гнила политика - гнили медиуми
Отворена и тивка рехабилитација на осудени воени злосторници - каде води тоа? Се разбира, не води никаде, вели Филип Давид. „А сето тоа не ни безопасно како што се чини. Имаме тапкање во место затоа што се избегнува соочување со вистината. Тоа не е фраза. Често се релативизира фактот дека српската политика стана една голема ријалити програма, па имаме и апсурдна ситуација кога водителка на еден ријалити станува член на Советот за надворешна политика, меѓународни односи и регионална соработка на СПС. Сето тоа зборува за гнилата медиумска и политичка атмосфера.“
Ако, од друга страна, се запрашаме дали сето она што се случува е само минливо кокетирање со темната страна на блиското минато или дефинитивно враќање во 1990-тите, Јован Комшиќ смета дека тоа и натаму може да се третира како минливо кокетирање, но е и некој вид сигнал.
„Тоа значи дека доколку не успееме во преговорите со Европа, можеме да се вратиме на старото лице, за кое не постојат големи симпатии во клубот во кој сакаме да влеземе. Но, не верувам дека тоа може да биде маневар кој ќе ги натера соговорниците во ЕУ да нѐ прифатат доколку не доживееме темелна трансформација на српското општество.“