Србија: Новинарите не потклекнуваат
15 февруари 2016Српскиот министер за одбрана Бранислав Гашиќ е сменет, но Иницијативата „Новинарите не клечат“ продолжува со протести низ Србија. Како што објаснува за Дојче веле Зоран Б. Николиќ, извршен уредник на интернет порталот Цензоловка, барањата кои им се поставени на властите се исти како и на почетокот на протестите, но на медиумите им беше сепак поинтересно тоа да го сведат на проблемот на смена на еден министер: „Тоа се барања кои би требало да обезбедат нормална работа на новинарите и медиумите во Србија. Барањата се упатени до шест министри и до премиерот. Тие првенствено се однесуваат на состојбата на работните услови на новинарите, каде има сличности со мнозинството дејности во Србија, а тоа значи - работодавачите не ги почитуваат законите. Друга тема е поделба на бесплатни акции во оние медиуми, во кои минатогодишната приватизација не успеа. Тука се и низа барања упатени до министерот за култура и информирање Иван Тасовац, кои се однесуваат на спроведување на медиумските закони. Ние сметаме дека министерот Тасовац воопшто не ја работи својата работа и бараме разговор со него. Имаме барања и до министерот за внатрешни работи Небојша Стефановиќ, од кого всушност бараме да не работи ништо, зашто она што досега го правеше во врска со медиумите е катастрофално, а од некои органи во неговото министерство бараме да се спроведе истрага во врска со следењето новинари и давање информации од истраги само на одбрани медиуми.“
Оскари за уништување на медиумите
Иницијативата „Новинарите не клечат“ им додели своевидни Оскари на „заслужните“ за состојбата во медиумите. За цензура и гаснење емисии „Оскар“ доби премиерот Александар Вучиќ за „Впечаток на неделата“, а покрај него беше номиниран и министерот без портфељ задолжен за вонредни ситуации Велимир Илиќ за шутирање новинари. Министерот за култура и информирање Иван Тасовац доби „Оскар“ за „најмалку направено на полето на слободата на медиумите“, додека „Оскар“ за животно дело по повод актуелната состојба на медиумите доби Демократската партија (ДС). „Денешната состојба на медиумите во Србија е можеби најлоша во изминатите 15 години. Медиумите од една страна се исложени на притисоци од власта, а од друга страна економската логика од медиумите бара вртење кон пазарот, така што маневарскиот простор за слободна и одговорна уредувачка политика е помал од кога било“, истакнува за Дојче веле социологот Дражен Павлица.
Сериозни кршења на новинарските права
На новинарите не им се исплатуваат заработувачките, одделни новинари се принудувани да потпишат пристапници кон владејачката Српска напредна партија (СНС), присутно е следење на новинари, во Србија секојдневно се спроведува цел комплекс сериозни кршења на законите и правата на новинарите, а тоа речиси не доживува позначајна расправа во јавноста. Зоран Б. Николиќ смета: „Во Србија една афера престигнува друга афера, па не е чудно што се забораваат и некои толку важни теми. Затоа сакам да повторам, во Панчево имавме случај кога во приватизиран медиум новиот главен уредник, инаку локален функционер на СНС, под закана со отказ барал од сите вработени да се зачленат во СНС. Оние кои одбиле, добија отказ. Во Крагуевац во најголемите три локални медиуми вработените не примаат плата и подолго од три месеци. Во најголемиот од нив, РТВ Крагуевац, која занимливо има ист сопственик како и РТВ Панчево, цело време стигнуваат пари од локалната самоуправа, а тие никогаш не стигнуваат до вработените. Што се однесува до следењето новинари, очигледно е дека тоа се работи незаконски, но прашање е дали некогаш ќе се испита.“
Нестабилна медиумска сцена
Медиумската сцена во Србија е прилично нестабилна, недовршена и под големо влијание на државата, односно на оние кои креираат различни медиумски содржини низ разни канали, оценува за Дојче веле Паола Петриќ, координаторка на проектот на белградската канцеларија на фондацијата „Хајнрих Бел“. „Тие канали се нетранспарентно финансирање на медиумите или неадекватно трошење на јавни средства за финансирање одделни медиуми. Со тоа се разбира се влијае врз медиумските содржини, но истовремено се кршат и некои слободи. Но, оваа проблематика има свои корени во претходниот период, зашто сопствеништвото над медиумите одамна е проблематично, постои нетранспарентно сопствеништво и финансирање на медиумите, послаби или посилни новинарски здруженија кои полошо или подобро организирано се борат за подобрување на положбата на новинарите и медиумите.“
Приватизацијата на медиумите - политичка травестија
Со приватизацијата на медиумите се дојде до бизарна ситуација на крајот на процесот медиумите да станат наводно приватни, но низ проектното финансирање повторно да добиваат пари од локалните власти и така повторно да зависат од политиката и актуелната власт. Зоран Б. Николиќ смета дека тоа можеше и да се очекува „но дека можеби поголем проблем од проектното финансирање е тоа што политичарите се обидуваат на незаконски начин да им дадат пари на подобните медиуми, заобиколувајќи го проектното финансирање. Тука повторно нема санкции, нема никој да контролира дали тоа се спроведува според закон, така што и тоа е приказна типична за Србија“.
Медиумите се важно прашање за ЕУ
Ние низ нашата работа главно соработуваме со т.н. непрофитни и независни медиуми, истакнува Паола Петриќ. „Од една страна тоа е и добро, зашто добро е да имаме што повеќе медиуми, но од друга страна се поставува прашањето дали ние тогаш се повлекуваме и си го стеснуваме просторот со тоа што ќе направиме некој нов мал простор, било електронски или печатен. Или наместо тоа би требало да се трудиме да оствариме што повеќе влијание врз меинстрим медиумите и од нив да бараме повеќе да се придржуваат кон стандардите за слободно известување.“
Веќе повеќепати се слушнаа забелешки дека ЕУ и нејзините институции не обрнуваат доволно внимание на положбата на медиумите и новинарите во Србија. Паола Петриќ вели „дека се стекнува впечаток дека тоа не е важно прашање, посебно во светлината на европските интеграции. Господин Мекалистер постојано се јавува и укажува дека е загрижен поради состојбата на медиумите во Србија. Затоа не мислам дека на европските институции им е неважна положбата на српските медиуми, тие секогаш ќе го кажат своето мислење и ќе упатат одредена критика. Но, од друга страна, добиваме порака дека законската рамка и спроведувањето на законите се наша одговорност. Тука некако топката се враќа на терен на Србија и тогаш од локалните актери зависи што сакаме да постигнеме во таа сфера и каква медиумска сцена сакаме да имаме.“