Србија се надева на Путин и Трамп за Косово
7 јули 2018Не би било најточно да се каже дека има некаков голем пресврт во надворешната политика на Србија, но видливо е дека официјален Белград акцентот сѐ повеќе го става на односите на САД со Русија. Неколку официјални гестови сведочат за фокусираноста на српската политика со најкрупните играчи на светската политика во моментов.
Сигнал број еден би можела да биде забелешката на министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ дека средбите со шести помошници на трети секретари веќе немаат многу смисла, и дека се прави обид да се најде пат до самиот врв на Белата Куќа. Набрзо потоа следеше повикот на српскиот претседател Александар Вучиќ до претседателот на САД Доналд Трамп да ја посети Србија; претседателот Владимир Путин веќе ја прифати таа покана.
Властите во Белград тоа секако никогаш јавно не би го признало, но целата низа потези би можеле да се формулираат и на следниот начин: секоја чест на ЕУ, но некои нешта не можат да се решат без Москва и Вашингтон.
Вртење кон клучните актери
А горливиот проблем кој сега ја мачи Србија секако е прашањето на Косово - и практичната неспособност на европските бирократи да го приведат кон крај тој процес така што обете страни би биле задоволни. Политичарите од Белград веќе извесно време се жалат дека Брисел не прави речиси ништо да изврши притисок врз албанската страна за да го исполни својот дел од обврските. Тоа незадоволство сега се рефлектира со вртење кон клучните актери на светската политика.
Кога се вели Брисел, а на тоа вниманието го посочуваат и нашите соговорници, пред сѐ се мисли на групата земји кои ја признаа независноста на Косово.
„Мислам дека Србија препознава дека постојат два центри на моќ кои можат клучно да влијаат врз регионалната безбедност“, вели за ДВ Душан Пророковиќ од Центарот за стратегиски алтернативи. „Затоа сега има обиди во директна комуникација со нив да се стават на маса неколку отворени прашања, меѓу кои косовското е секако најголемо“.
Српските медиуми во очекување на средбата Трамп-Путин се повикуваат на домашни дипломатски извори кои тврдат оти двајцата претседатели за Косово ќе разговараат една или две минути, но дека и тоа ќе биде многу значајно. По навика, тешко е да се разбере дали е тоа само список на убави желби на српскиот државен врв, или нивен невешт обид да ја кројат агендата на двајцата најмоќни светски политичари.
„Доколку Косово биде на дневен ред, сѐ што можеме да очекуваме е Доналд Трамп да дознае дека на Путин му е важно и Косово“, смета новинарката Лилјана Смајловиќ. „Мислам дека на Путин, Косово му е навистина важно. Поважен му е Крим, но не сум меѓу оние кои сметаат дека Путин ќе и ја скрати поддршката на Србија за Косово поради Крим, и дека тој, како што се смета на Запад, едвај ќе дочека да го искористи тоа како некаков џокер за трампа на Крим за Косово. Тоа е фундаментално неразбирање на руската надворешна политика и Путин“.
Шлаканица за Брисел
Не е мал бројот на оние кои сето ова го гледаат како сериозна шлаканица за Брисел и како потенцијално влошување на односите на Србија и ЕУ. Истовремено, тие иницијативи се гледаат и како почеток на можно далеку поактивно вклучување на САД и Русија во косовскиот дијалог.
Доколку воопшто се прави некаков договор на САД и Русија околу Балканот, мислам дека тука Косово ќе биде само една од темите, вели Пророковиќ. „Има многу испреплетени интереси и отворени прашања за да се расправа само за Косово. Очигледно е дека САД и Русија имаат интереси во целиот регион, и во тој контекст можеби е можно тие да се договорат за некои принципи како ќе функционира Балканот. Но, нагласувам дека тоа е хипотетичко сценарио. Имавме доста оптимизам и околу решавањето на некои други светски проблеми, па знаеме дека сето заврши скромно“.
Пророковиќ додава дека приклучувањето на Западниот Балкан кон ЕУ сѐ повеќе „станува дел од фолклорот, затоа што никој искрено веќе не верува дека ќе влезе во ЕУ“. „Прашање е дали ЕУ ќе ја дочека и 2020 година со оваа структура, а камоли дали Србија ќе стане нејзина членка“.