1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Средба во сенка на тензиите околу Сирија

СН/ агенции
12 април 2017

Поранешниот нафтен менаџер Рекс Тилерсон е стар познаник во Русија. Но како нов прв дипломат на САД тој доаѓа во Москва во кризно време. Двете атомски сили спорат околу Сирија

https://p.dw.com/p/2b7hC
USA Russland Tillerson Bei Lawrow in Moskau
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/I. Sekretarev

Нивото на доверба меѓу Москва и Вашингтон се влоши откако американскиот претседател Доналд Трамп ја презеде должноста, изјави рускиот претседател Владимир Путин во интервју емитувано во средата.

На прашањето да ги искоментира односите меѓу двете земји откако Трамп стана претседател, Путин изјави, судејќи според транскриптот на интервјуто кое го објави Кремљ: „Човек би можел да каже дека довербата на работно ниво, особено на воено ниво, не се подобри, дури и се влоши.“

На прашањето за обвинувањата дека сириската влада започнала напади со хемиско оружје во покраината Идлиб, Путин изјави оти Дамаск ги предал сите резерви на хемиско вооружување. Рече дека верува оти постојат две главни објаснувања за инцидентот во покраината Идлиб: дека во воени напади на сириските владини сили се погодени бунтовничките магацини со хемиско оружје, ослободувајќи отровен гас, или оти инцидентот е наместен за да се дискредитира сириската влада. Изјавите на Путин доаѓаат во момент на првата официјална посета на новиот американски државен секретар Рекс Тилерсон на Москва. Тилерсон разговара со неговиот руски ресорен колега Сергеј Лавров, а сѐ уште не е познато дали ќе дојде до негов прием кај претседателот Путин.

Wladimir Putin
Фотографија: picture alliance/dpa/A. Druzhinin

Лавров пак денеска на состанокот со Тилерсон во Москва, рече дека минатонеделните напади на САД врз воздухопловната воена база во Сирија претставуваат кршење на правото и оти е важно да не се допушти такви напади да се повторат.

„Важно ни е да знаеме каков е вашиот став, ставот на САД и какви се вистинските намери на американската администрација“, рече Лавров. Шефот на руската дипломатија на американскиот колега му порача и дека сака искрени и чесни разговори за формирање на широка антитерористичка коалиција. „Многупати рековме оти сме подготвени на конструктивен дијалог на рамна нога со САД“, потсети Лавров, порачувајќи дека Москва се залага за колективни акции.

Тилерсон на состанокот со Лавров порача оти линиите на комуникација на САД со Русија секогаш ќе останат отворени, оценувајќи дека денешниот состанок се одржува во важен момент за Русија и САД да можат да ги прецизираат областите од заеднички интерес. Според неговите зборови, тоа се забележува дури и кога тактиките се различни.

„Сакаме да ги прецизираме областите во кои постојат остри разлики во ставовите за да сфатиме зошто тие постојат и какви се можностите за намалување на тие разлики“, објасни американскиот државен секретар. Тој рече дека се радува на отворени, чесни и искрени разговори за подобро да се дефинираат американско-руските односи.