1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Средба на Путин со Обама и со Порошенко

ЖА/дпа/афп/ртре 6 јуни 2014

Рускиот претседател Владимир Путин и американскиот Барак Обама имаа кратка неформална средба. Путин на маргините на одбележувањето на „Денот Д“ разговараше првпат и со новиот украински претседател Петро Порошенко.

https://p.dw.com/p/1CDyG
Фотографија: Saul Loeb/AFP/Getty Images

Американскиот претседател Барак Обама и рускиот, Владимир Путин, имаа кратка неформална средба на маргините на свеченостите по повод 70-годишнината од истоварувањето на сојузниците во Нормандија во Втората светска војна, соопшти официјално и Белата куќа. Тие размениле само по неколку збора, без ракување пред камери. Двајцата државници синоќа пристигнаа во Париз и се сретнаа со францускиот претседател Франсоа Оланд, но на одвоени средби.

Владимир Путин се сретна и со новоизбраниот украински претседател Петро Порошенко. Пред ручекот во дворецот Бенувил, организиран за поканетите државници, двајцата претседатели договориле наредните денови да се советуваат околу модалитетите за прекин на огнот меѓу Киев и проруските сепаратисти во Источна Украина, се дознава од дипломатски извори блиски на францускиот претседател Оланд.

Merkel mit Putin und Poroschenko 06.06.2014 Benouville
Ангела Меркел, Петро Порошенко и Владимир ПутинФотографија: Reuters/Guido Bergman/Bundesregierung

Путин и Порошенко во 15-минутниот разговор си подале рака и „разговарале сосем нормално“. Притоа биле присутни и германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд, како што беше потврдено и од Берлин, што било планирано и подготвувано веќе неколку дена. Разговорот претставува фрагилен напредок и се водел, покрај економските аспекти, и околу општите „можни мерки за деескалација“ меѓу Русија и Украина.

Во тоа спаѓа прашањето дали и во колкава мерка Москва ќе го признае стапувањето на должност на новиот украински претседател Петро Порошенко. Путин планира да го испрати својот амбасадор на инаугурацијата на Порошенко во Киев. Во Декларацијата на крајот на самитот на Г7 во средата се вели дека испраќање на амбасадорот од страна на Русија на инаугурацијата на Порошенко претставува извесна форма на негово признавање. Порошенко пред две недели победи на предвремените претседателски избори во Украина со апсолутно мнозинство уште во првиот изборен круг.