1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Средба Штајнмајер – Рајс

30 ноември 2005

Новиот германски министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмајер, веста за грабнувањето на Германката Сузане Остхоф го затекна во времето на првата средба со неговата американска колешка Кондолиза Рајс.

https://p.dw.com/p/AccF
Штајнмајер и Рајс пред почетокот на разговорите
Штајнмајер и Рајс пред почетокот на разговоритеФотографија: dpa

Од американска страна му беше ветена поддршка за разјаснување на грабнувањето. По средбата со рајс, Штајнмајер изјави:

„Замолив во овој случај на грабнување во Ирак да добиеме информации и географски сознанија од американската страна, што ни беше ветено„ .

Покрај вкупната ситуација во Ирак, Авганистан и за натамошните преговори со Иран за неговата атомска програма, Штајнмајер и Рајс во едночасовните разговори дебатираа и за уште една непријатна тема: наводните тајни транспорти на ЦИА на илегални затвореници преку повеќе европски држави, меѓу нив и Германија. За оваа тема Штајнмајер изјави:

„Се радувам што темата исцрпно ја разгледавме. Мислам дека е важно што не ја избегнавме во овие разговори. Посебно се радувам што беше разбрано дека во европската јавност, но и во парламентите постои загриженост и дека е можно таа загриженост да се смири само ако сето се разјасни. Тоа ни беше ветено„.

Конкретно, Рајс вети брз одговор на писмото од британскиот министер за надворешни работи Џек Стро испратено од името на Европската унија со кое се бара објаснување на ситуацијата. До тогаш темата „илегални транспорти на затвореници„ билатерално нема да се разгледува. На овој начин германското министерство за надворешни работи очигледно сака да го намали притисокот на јавноста, зашто обете страни сакаат безусловно да спречат ново влошување на германско-американските односи.

Уште пред средбата со Штајнмајер, Кондолиза Рајс односите со Германија во моментов ги оцени како одлични. Новиот германски министер соопшти колку се важни и за Берлин позитивните трансатлантски односи:

„Укажав на тоа дека во коалициониот договор констатиравме оти германско-американското партнерство и трансатлантските односи не се во противречност со европската интеграција. За сојузната влада тоа се двата столба на германската надворешна и безбедносна политика„.

Веќе во наредната недела, американската министерка за надворешни рабопти Кондолиза Рајс, за време на европската турнеја, ќе ја посети и Германија.