1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ССМ е против предлогот да се работи во недела

ДТЗ
13 мај 2022

Газдите почувствуваа што значи да се работи во недела - не смее да им се ускрати таквото право и повторно да се дозволи работниците да им работат, а тие да одмараат, велат од ССМ.

https://p.dw.com/p/4BFcO
Nordmazedonien Ohrid
Фотографија: Daniela T. Zafirovska /DW

Предлогот да им се дозволи на дуќанџиите во туристичките местада работат и во недела ги разбранува синдикатите. Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) не се согласува да се донесат законски измени кои би овозможиле недела да биде работен ден во туристичките центри, бидејќи постојното законско решение кое е на сила е донесено по пат на дијалог, и тоа овозможува работа и во недела под одредени услови. 

„Со законските измени, ССМ и социјалните партнери обезбедија можност специјализираните продавници или киосци во туристичките места под услови утврдени со закон да работат. Предвидена е и можноста за работа на моловите, штандови и киосци за време на спортски настани, фестивали, саеми, манифестации и слично, а предвидена е и можноста во продавници за трговија на мало со храна, пијалоци и слично работата да ја вршат лично сопствениците на продавниците. Заради тоа што газдите почувствуваа што значи да се работи во недела не смее да им се ускрати таквото право и повторно да се дозволи работниците да им работат, а тие да одмараат“, велат од ССМ. 

Nord Mazedonien | Struga - Ohrid See
Синдикатите се против законските измени кои се однесуваат на туристичките центриФотографија: Daniela Trpcevska Zafirovska

На овој начин, според Синдикатот, покриени се сите потреби на туристите во туристичките места од аспект на трговските услуги. Оние работници кои ќе бидат ангажирани за работа во недела имаат право на додаток на плата за работа во недела и за празници најмалку во висина од 100 проценти за секој час поминат на работа, како и право на неделен одмор во друг ден од неделата. 

Да се почитуваат законите - работниците имаат право на одмор 

Ваквата реакција следи откако Министерството за економија достави до Собранието предлог за измени и дополнувања на Законот за трговија со кои се дава предлог во туристичките места сите трговци на мало да можат да работат во недела и за време на празници. Со овие измени се дава можност на сите туристички места што се пропишани со Закон за туристичка дејност, продавниците и дуќаните во кои се врши трговија на мало да можат да работат и во деновите кои се третираат за неработен ден и државни празници во текот на целата година. Најавите се дека ваквите измени ја имаат поддршката на сите партии. Пред почетокот на летната сезона, туристичките места се надеваат дека ќе бидат изземени од мерката „недела неработен ден“. По бројните реакции на дуќанџиите, општините и јавноста, дуќаните од Охрид и Струга наскоро се надеваат дека ќе ги отворат „кепенците“ и во недела, кога е најраздвижено низ чаршијата, поради напливот на туристи.  

-повеќе на темата: Дуќаните во Охрид и Струга чекаат зелено светло за да работат и во недела

Но, според Синдикатите, Законот за изменување и дополнување на Законот за трговијата е донесен по пат на социјален дијалог и како репрезентативен социјален партнер. ССМ очекува доследно да се почитуваат Законите со кои недела е неработен ден и да не се озаконуваат незаконитостите. 

„Најавениот предлог-закон од Министерството за економија доколку е доставен до Собранието тоа е сторено без социјален дијалог и претставува потценување на претставниците на работниците и работниците во целина што е недозволиво“, потенцираат од ССМ. Од Сојузот на синдикатите на Македонија најавуваат дека и во овој случај ќе покренат иницијатива до Собранието за законско решение со кое ќе побара да им се дозволи право на дополнителна работа од осум часа неделено кои задолжително ќе се одработуваат во недела за функционерите кои размислуваат да поднесат предлог – закон за изменување и дополнување на Законот за трговија за недела неработен ден. 

Nordmazedonien Ohrid
Дуќаните од Охрид и Струга наскоро се надеваат дека ќе ги отворат „кепенците“ и во недела, кога е најраздвижено низ чаршијата, поради напливот на туристиФотографија: Daniela T. Zafirovska /DW

Бранувања и иницијативи 

Предлогот недела да биде неработен ден изминатиов период предивика бројни реакции и критики. На ваквата одлука особено се пожалија стопанствениците, кои тврдеа дека буквално нема сектор којшто посредно или непосредно не е засегнат од мерката. Покрај заканата голем број работници да останат без работа поради оваа мерка, а туристичките места да станат неатрактивни викенд дестинации, се погласни се укажувањата дека затворањето на халите и гасењето на печките ќе предизвика сериозни штети во дејности каде е потребен континуитет во работата и непречено одвивање на техничко – технолошкиот процес. Бизнисмените во јануари годинава ги оспорија пред Уставниот суд законските решенија кои овозможија недела да биде неработен ден за повеќето вработени во земјата. Стопанската комора на Северна Македонија поднесе две иницијативи до Уставниот суд за да се оформат предмети во врска со одлуката недела да биде неработен ден

Законското решение со кое недела е неработен ден, стапи на сила од 1 јануари годинава.  Ваквата новина се најавуваше со месеци наназад, а со неа се предвидени ригорозни казнени мерки за работодавачите кои нема да го почитуваат тоа.

Законот предвидува дека недела е ден за одмор за 92 отсто од работниците во земјава. Исклучок има за оние работни места каде не може да се прекине работниот процес односно за околу 8 отсто од работници. Оние кои работат во недела треба да земаат додаток на плата од најмалку 50 отсто за секој час поминат на работа доколку со закон или колективен договор не е утврден повисок износ. Предвидено е да користат и слободен ден во наредните седум дена.