ССМ најавува генерален штрајк ако не се зголемат платите
25 мај 2022Сојузот на синдикати на Македонија се незадоволни што досега не се реализираше нивното барање за линеарно зголемување на платите за 2.806 денари. Доколку Владата и надлежните министерства не им излезат во пресрет наскоро, тие ја најавуваат можноста да стапат во генерален штрајк.
„Трпението е при крај и дека ако не се исполни даденото ветување, единствената опција е да се оди на генерален штрајк“, најавува претседателот на ССМ, Дарко Димовски во изјава за МИА. Највисоките тела на Синдикатот се тие коишто треба да ја донесат одлуката и да дадат упатство до гранските синдикати доколку се одлучи да се оди на генерален штрајк.
Синдикатите во понеделникот (23.05) побараа средба со премиерот, вицепремиерот за економски прашања и министрите за финансии и за труд и социјална политика, откако увиделе дека во ребалансот на буџетот не се предвидени средства за линеарно зголемување на платите.
Нова методологија
Незадоволството ескалираше и по колумната на министерот за финансии, Фатмир Бесими, објавена во вторникот (24.05) во која тој најави дека со ребалансот се планирани 32,3 милијарди денари (526,1 милион евра) или 554,7 милиони денари повеќе во однос на иницијалниот буџет за усогласување на платите на вработените кај буџетските корисници со минималната плата и планираниот раст на плати во правосудство и полиција. Бесими вели дека е е потребно да се креира нова методологија со која ќе се вреднува продуктивноста и одржувањето на стандардот (растот на реалната плата и инфлацијата).
-повеќе на темата: Минималната плата отвори апетит: Синдикатите најавуваат штрајк за повисока плата
„Во однос на реакцијата на Сојузот на синдикати во однос на покачувањето на платите во јавниот сектор ќе напоменам дека треба да се договори сеопфатна методологија со која ќе се прилагодат платите во целиот јавен сектор. Во оваа методологија ќе се вреднува продуктивноста, како и одржувањето на стандардот (растот на реалната плата и инфлацијата). Соодветно кога ќе се постави методологијата ќе се наменат и средства“, порача Бесими.
Одлуката за зголемување на минималната плата во Северна Македонија на 18.000 денари од април годинава, предизвика лавина реакции и барања на синдикатите за скалесто зголемување на платите, а во спротивно дел од нив се заканија со штрајк. Незадоволство изразија Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), Синдикатот на УПОЗ, а на протести излегоа и од Управата за водење на матични книги.