1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Станишев: Ништо не е посилно од граѓанското општество

Костадин Делимитов17 мај 2015

Овде сме да изразиме поддршка и солидарност со граѓанското општество. На митингот има луѓе од различна етничка припадност. Стабилна Македонија е интерес на цела ЕУ, вели за ДВ европарламентарецот Сергеј Станишев.

https://p.dw.com/p/1FR4O
Фотографија: picture-alliance/dpa

ДВ: Господине Станишев, каква пораката сакате да испратите со Вашето присуство овде на протестот во Скопје?

С. Станишев: Овде сум да го поддржам граѓанскиот протест и тоа не само од мое име, туку и во име на сите европски социјалисти и социјалдемократи. Затоа што сме загрижени од она што се случува последниве месеци во Македонија, од таа остра политичка конфронтација, политички скандали. Ништо не може да биде посилно од гласот на граѓанското општество.

ДВ: Зошто ја поддржувате опозицијата во Македонија?

С. Станишев: Партијата на европските социјалисти е ангажирана за случувањата во Македонија не од вчера, туку од поодамна. Пред два месеца бевме овде со делегација од различни земји за да помогнеме за изнаоѓање политичко решение за актуелната криза. Денеска сме овде претставници на партиите од Германија, Шведска, Англија и Бугарија и сакаме да ја изразиме нашата поддршка и солидарност со граѓанското општество, кое е со нашите партнери од СДСМ.

ДВ: Каква е позицијата на Европа за она што се случува во Македонија?

С. Станишев: Ние правиме се’ што е можно и во Европскиот парламент да помогнеме во дијалогот и политичкото решение за кризата. Никој не може да си дозволи да ги дели граѓаните по етнички принцип, посебно по трагедијата во Куманово. Затоа денеска Хауит беше во Куманово да ја види ситуацијата одблиску. Тука на митингот има луѓе од различна етничка припадност. И нивните очекувања се општи, граѓански, тоа е важно. Македонија треба да биде стабилна, тоа е интерес на цела ЕУ, таа треба да напредува на патот кон ЕУ.

ДВ: Дали мислите дека овој начин на изразување на револт и барање на промени на власт е исправен?

С. Станишев: „Видете, расположението, однесувањето на народот - тоа е празнично. Тоа не е насилно и агресивно. Граѓаните што се овде сакаат нивниот глас да биде слушнат и уважен, затоа велам политичарите треба да најдат политичко решение за излез од кризата. Ние имаме потреба од стабилна Македонија, во која медиумите ќе бидат слободни, земја со демократски институции и правосудни органи, каде ќе се организираат праведни избори.