1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Путин му ја честиташе победата на Бајден

ЖА / агенции
15 декември 2020

Откако Електорскиот колеџ формално го потврди изборот на Џо Бајден на претседателската функција во САД, на победникот му честиташе и рускиот претседател Владимир Путин. Тој е подготвен за воспоставување контакти.

https://p.dw.com/p/3mjYG
Russland Moskau | Russische Sicherheitsratssitzung | Wladimir Putin
Фотографија: Alexei Druzhinin/dpa/picture-alliance

Рускиот претседател Владимир Путин му го честиташе на Џо Бајден изборот за претседател на САД. Кремљ досега инсистираше на сочекување на официјалниот резултат. „Подготвен сум за разговор и контакт со него", изјави Путин за новинската агенција Ројтерс, посакувајќи му на Бајден „секаков успех". Путин е уверен дека САД и Русија, „без оглед на постоењето разлики", можат да помогнат во решавањето на бројни проблеми и предизвици во светот.

Односите меѓу Русија и САД во последно време се оптоварени. Бајден вети решително спротиставување на Русија.

Путин долго чекаше на испраќање честитка до Бајден. Дури и кинескиот претседател Ши Џинпинг на Бајден му честиташе уште на крајот на ноември. Дефинитивниот официјален изборен резултат ќе биде соопштен дури на 6 јануари во Конгресот, но откако изборните резултати синоќа беа потврдени преку т.н. Изборен колеџ, Москва очигледно не гледаше причина за натамошно одолговлекување на честитката.

Трамп не го признава поразот

Путин досега сепак на Бајден индиректно му понуди соработка. „Ние ќе соработуваме со секого кој ја има довербата на американскиот народ", гласеше пораката на Путин цитирана на 22 ноември на државната руска телевизија, но изборниот победник мора да биде признат од неговиот противкандидат или да биде потврден преку официјален резултат. Трамп досега не сака да чуе да признае свој пораз, упорно продолжувајќи го својот правен поход против изборниот исход.

Повеќе на темата:

Зошто Путин не му честита на Бајден?

Како автократите си честитаат едни на други

Трамп е ослободен, но не и исчистен

Огромна руска пропаганда во американските избори

Претседателството на Трамп беше оптоварено со врски на луѓе од неговото опкружување со Русија, постојат силни индиции дека Москва во 2016 година била вмешана во американските претседателски избори и го помогнала влезот на Трамп во Белата куќа. Со човек како Трамп Путин, познат по неговиот авторитарен и ултраконзервативен начин на владеење, секако го поврзуваат повеќе нешта отколку со американските Демократи, кои остро ги критикуваат демократските назадувања и повреди на човековите права во Русија.

Трамп не го криеше своето воодушевување за Путин, уште во 2007 година идниот американски претседател во писмо му соопштил на Путин дека е „негов голем фан."

При гласањето на Електорскиот колеџ, Бајден доби 306 гласа, а 232 – Трамп, што го отсликува изборниот исход во сојузните држави. Потврдата од Електорскиот колеџ всушност е формалност, но годинава доби посебно внимание со оглед на тоа што Трамп не го признава поразот. Бајден на 20 јануари треба да положи заклетва како иден претседател на САД, со што автоматски завршува мандатот на Трамп, независно од тоа дали го признава изборот или не.