Столтенберг: Договорот од Преспа е обврзувачки за Грција
10 септември 2018Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг изрази уверување дека Договорот од Преспа ќе биде имплементиран и во Грција и во Македонија.
„Клучно е за националниот кредибилитет кога една земја ќе потпише договор и другата страна го исполни тоа, тогаш обете треба да го исполнат тоа. Било што друго сериозно ќе го поткопа националниот кредибилитет на која било земја“, вели Столтенберг за „Катимерини“. Тој вели дека „силно верува“ оти обете страни ќе го ратификуваат договорот во согласност со временската рамка од договорот.
„Тоа значи дека тоа треба да се случи на почетокот на следната година“, додава тој.
Столтенберг за грчкиот медиум изразува увереност дека Скопје нема да се повлече од исполнување на обврските откако ќе стане дел од Алијансата. „Она што го видовме е дека земји кои се приклучуваа кон НАТО и кон ЕУ ги почитуваа своите обврски и јас сум целосно сигурен дека тоа важи и за овој случај, затоа што е во интерес на Скопје и е во интерес на Атина, но и интерес на цела Европа да се реши ова“, вели Столтенберг.
Минатата недела генералниот секретар на НАТО беше и во Македонија од каде јасно порача дека „без имплементација на Договорот од Преспа, нема членство во НАТО“.
Тој порача дека доколку се имплементира договорот навремено, македонскиот министер за одбрана ќе може да седи рамноправно на масата на НАТО уште на министерскиот состанок во февруари.