Административниот балон ќе „пукне“ од нови вработувања
6 август 2021Само еден ден пред претседателот на Собранието, Талат Џафери да ги распише локалните избори во Северна Македонија, на страницата на Агенцијата за администрација осамна оглас за вработување на 166 лица во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, со кое раководи првиот вицепремиер Артан Груби од ДУИ. Се бараат два профили на кадри, кои ќе имаат плата од околу 22 илјади денари. Станува збор за помлади соработници за унапредување на употребата на јазиците на етничките заедници, како и за помлади соработници за превод, лекторирање и редакција, во Одделението за превод. Од нив најголем број ќе бидат Македонци, но се бараат и Албанци, Срби, Власи и неколкумина од други националности.
-повеќе на темата: Платата тече, дел од рамковните административци сѐ уште без работа
„Имајќи предвид дека повеќето институции имаа потреба изминатава година од преведувачи и лектори, објавивме јавен оглас за тој профил на кадри. Тие првите три до шест месеци ќе бидат на обука во Министерството за политички систем, по што ќе бидат прераспределени во институциите каде што што има потреба за нив“, вели за ДВ државниот секретар во Министерството за политички систем, Рами Ќерими.
Потреба за вакви кадри, според него, има во речиси сите институции. Со имплементацијата на двојазичноста во земјата, расте и потребата на кадри за превод и лектура, додава Ќерими.
Вработувањето на 166 административци се случува непосредно пред октомвриските избори во земјава, во услови на превработеност во државните јасли, и по одлуката да се прераспределат 1.349 рамковни службеници, а дел од нив сѐ уште не седнаа на нови работни места.
Три спорни аспекти
Зошто ден пред избори се распишува оглас, кога веднаш мора да се стави во мирување?, прашува првата антикорупционерка, Билјана Ивановска. Таа за ДВ анализира дека три аспекти се важни во однос со ова прашање.
„Согласно Изборниот законик, а и Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси (ЗСКСИ), не може да се започне постапка за вработување на нови лица или постапка за престанок на работен однос во државни и јавни институции, а започнатите постапки се ставаат во мирување“, укажува таа.
Ивановска потсетува дека Антикорупциската комисија и во претходните изборни циклуси предупредуваше дека започнување процес на вработување непосредно пред избори, го зголемува ризикот од политичко влијание и клиентелизам, како и ризикот од поткуп на гласачкото тело, ставајќи ги во заложничка позиција потенцијалните кандидати, очекувајќи од нив и нивните семејства гласови за обезбедување стабилен политички рејтинг.
Од друга страна, факт е дека од година во година се зголемуваше бројот на вработените во ова Министерство, кои со години чекаа да бидат распределени. На крајот на минатата година се донесе и посебен закон за да се распределат по органите кои, без оглед на вистинските потреби беа обврзани да ги менуваат систематизациите и да обезбедат работно место.
На 22 јануари годинава вицепремиерот и министер за политички системи, Артан Груби го презентираше планот за прераспределба на 1.349 „рамковни“ службеници на нови работни позиции во 237 институции и органи на државната и локалната самоуправа. Со овој план требаше да се реши деценискиот проблем, кој претставува сериозен товар за буџетот и конечно да се најдат столчиња за административците, кои воопшто не одеа на работа. Но, дел од службениците сѐ уште не се седнати на столчињата на кои добија „прекоманда“, поради најразлични пречки кои не овозможуваат во целост да се реализира планот на вицепремиерот Груби.
-повеќе на темата: Државата им најде работа на 1.300 административци кои седеа дома
МВР, УЈП, Царината и Државното правобранителство згрижија најголем дел од рамковните административци. Меѓу нив, најголемиот дел се економисти и правници, но има и кадри со средно образование.
„Ако Министерството за политички систем има реална потреба од толкав број вработени, зошто тогаш дури со и Закон ги распоредуваше вработените по К5 програмата во другите државни органи. Намерата е очигледна, искористување на политичката моќ преку која се влијае кај одредени целни групи граѓани за обезбедување гласови и поддршка во изборниот процес“, децидна е Ивановска.
Според неа, поради тоа што Правилникот за систематизација на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците не е објавен на нивната веб страна, во отсуство на целосна транспарентност јавноста нема увид во оправданоста на потребата за вработување на толку голем број помлади соработници во едно министерство. „Дали намерата е тие повторно да се распределуваат по други државни органи?“, прашува таа.
-повеќе на темата: Најмногу столчиња за административците во МВР, УЈП и Царина
Дел од институциите коментираат дека имале потреба од таков кадар, но со огласи кои самите ги распишале веќе се пополнуваат тие дупки. Оттаму тие прашуваат, која е потребата Министерството за политички систем да распишува оглас, за кадри потребни за работата на другите државни институции.
Армија на државни службеници
Бројот на вработените во јавниот сектор, заклучно со 31 декември 2020 година, изнесува 131.183 лица во 1.332 институции. Надлежните тврдат дека во споредба со истиот период лани, бројот на вработените во јавниот сектор е намален за 1.717 лица. Државата секоја година издвојува над осум милиони евра за вработените според Рамковниот договор кои воопшто не доаѓаа на работните места. Укажувањата на експертите се дека армијата на државни службеници мора да се намали. Станува збор за проблем за кој никако не се изнајде решение изминатите години.
-повеќе на темата: 131.183 лица на платен список во државните јасли
„Во услови на превработеност, нема потреба од вработување на нови кадри, туку треба да се прераспределат веќе вработените, со одредена дообука“, вели Темелко Ристески, професор и доктор по административно право за ДВ.
Според него администрацијата е пребукирана, со години само се трупи со нови вработувања, државата стана најголем вработувач во државните јасли. „Пополнувањето на администрацијата треба да се одвива епапно и систематски, со кадри кои што се навистина неопходни. Секогаш се чека 5 до 12 пред избори, оние коишто се вработени на одредени време, се брза да се удомат со постојано вработување. Станува збор повеќе за пропаганден ефект, отколку што навистина има потреба од вработување во спорниот период пред избори“, вели Ристески.