1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стотици уапсени на новиот масовен протест во Минск

СН/агенции
14 септември 2020

Повеќе од 400 лица беа уапсени за време на новите масовни протести против шефот на белоруската држава Александар Лукашенко. И покрај забраната, десетици илјади повторно беа на улиците.

https://p.dw.com/p/3iQP5
Weißrussland | Proteste in Minsk
Фотографија: Reuters/Tut.By

Над 100.000 демонстранти маршираа во неделата на улиците во Минск, барајќи од претседателот на Белорусија Александар Лукашенко да поднесе оставка, со што протестите влегоа во шестата недела. Според податоците на Министерството за внатрешни работи, над 400 лица се задржани во притвор.

Министерството наведува дека протестите се одржани во 16 града, вклучувајќи го и Брест каде полицијата употреби водени топови против неколку илјади демонстранти. Голем број демонстранти, кои според проценката на групата за човекови права „Вјасна“, биле преку 150.000, носеле транспаренти критички настроени против Русија, а агенцијата Асошиејтед прес оценува дека тоа покажува загриженост поради денешниот состанок на Лукашенко со рускиот претседател Владимир Путин.

Weißrussland | Proteste in Minsk
Фотографија: Reuters/Tut.By

Тоа ќе биде нивна прва средба во четири очи по избивањето на немирите во Белорусија по претседателските избори на 9 август кои, според тврдењата на демонстрантите и опозицијата, биле наместени.

Повеќе:

-На опозицијата во Белорусија и треба план

-Марија Колесникова: Со насмевка против Лукашенко

-Белорусија: Како функционира пропагандата на Лукашенко?

„Извор на власта во Белорусија е народот, а не Лукашенко и Кремљ“, пишуваше на еден транспарент кој го носеа демонстраните во Минск. „Кажете ми кои ви се пријатели и ќе ви кажам кој сте“, пишуваше на друг транспарент на кој се наоѓаа фотографии на Лукашенко и Путин.

Weißrussland | Proteste in Minsk
Фотографија: Reuters/Tut.By

Полицијата постави редови бодликава жица и возила за транспорт на затвореници, а распореди и повеќе илјади војници да го блокираат центарот на градот за да ги запрат демонстрантите, но тие се собраа надвор од центарот и маршираа кон резиденцијата на претседателот на периферијата од градот.

Претседателите на Русија и Белорусија, Владимир Путин и Александар Лукашенко, ќе се сретнат денеска во Сочи. Според официјалните најави  од Кремљ тие ќе разговараат за дополнителна интеграција меѓу двете земји и за спроведување заеднички енергетски проекти. 

Белорусија: 10 дена во притвор за една песна