1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Страв од „Ковид-диктатура“ во Европа

Барбара Везел
31 март 2020

Критичарите во ЕУ и во граѓанските организации го сметаат новиот унгарски закон за вонредни состојби за акутна закана за демократијата во Европа. Тие стравуваат оти постапките на Орбан ќе предизвикаат од домино-ефект.

https://p.dw.com/p/3aELQ
Ungarn Premierminister Viktor Orban
Фотографија: picture-alliance/AP/MTI/Z. Mathe

Според принципот – нападот е најдобра одбрана- Виктор Орбан ја нападна Европската унија како превентивна мерка од евентуалната критика на неговите нови закони за вонредна состојба. Во радио интервју вчера наутро (30.03.), тој рече: „Јасно им кажав на критичарите од Европската унија дека сега не е време да мудруваат со сите можни правни прашања“. По кризата, ќе има доволно време да се дискутира. „Ако не можат да помогнат – а не можат - тогаш барем не треба да ја попречуваат Унгарија во нејзината одбрана".

Европската комисија реагираше конструктивно на оваа полемика: Се помага колку што се може, рече портпаролот Ерик Мамер, така Унгарија сега може да пристапи и до пет милијарди евра од новиот специјален фонд за корона- инвестиции за подобрување на нејзиниот здравствен систем, на пример. Покрај тоа, владата во Будимпешта, како најголем нето-примател на средства од ЕУ, собира милијарди евра од Брисел секоја година.

Критика од сите страни

Всушност, на критиките не се чекаше долго, и тие не дојдоа само од Брисел. Генералниот секретар на Советот на Европа во Стразбур, Марија Пејчиновиќ Буриќ, реагираше со предупредување дека земјите членки треба да го почитуваат јадрото на демократските принципи. Временски неодредена и неконтролирана вонредна состојба не може да го гарантира тоа. Дебатата во медиумите е исто така суштински елемент на слободниот и демократски поредок, објаснува Пејчиновиќ Буриќ.

Повеќе:

-Корона-криза во ЈИЕ: Карантин за правната држава

-Коронавирус во Орбанова Унгарија: Сорос, мигрантите и заразата

-Промашените шанси на Европа во одбраната од коронавирусот

Новиот закон во Унгарија за дистрибуцијата на наводно „невистинити“ информации за коронавирус, вклучително и од страна на новинарите, предвидува затворски казни. Се стравува  дека со тоа ќе се санкционира, па дури и ќе спречи какво било известување што не и се допаѓа на владата.

Budapest Parlament Ungarn
Фотографија: DW/G. Saudelli

И Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) исто така протестира против законодавството затоа што не ги исполнува меѓународните стандарди. Бројни граѓански и организации за човекови права во Европа се изјаснија против унгарските закони за итни случаи, кои парламентот ги донесе во текот на вчерашниот ден.

Соодветната комисија во Европскиот парламент предупреди дека мерките против кризата со коронавирусот не треба да ги пркршуваат основните права, владеењето на правото и демократските принципи. Европската комисија сега мора да провери дали Унгарија сè уште ги исполнува своите обврски согласно европските договори.

Опасност од копирање

Потпретседателката на Советот на ЕУ, пратеничката од германската СПД, Катарина Барли, освен тоа стравува дека другите државници би можеле да ги копираат неограничените овластувања за вонредни ситуации на Орбан: „Унгарија е еден вид авангарда за другите националисти и популисти во ЕУ. Други „потенцијални автократи" во Полска, Литванија и на други места веруваат дека можат да го следат унгарскиот пример “. Ако Орбан се пробие со тоа, другите ќе се чувствуваат охрабрени.

 „ЕУ тука чекаше предолго“, критикува Барли. Институциите на ЕУ треба да ја изведат Унгарија пред Европскиот суд на правдата. „Но, во корона-кризата, јас се сомневам Советот на ЕУ ќе постапи тука".

Германскиот европарламентарец од редовите на Зелените Сергеј Лагодински има сличен став: „Ние во никој случај не смееме да толерираме Ковид-диктатура. Ниту една вонредна состојба во светот не оправдува укинување на парламентот на неодредено време“.

Стравот на унгарската опозиција

Унгарската европратеничка Клара Добрев (Демократска коалиција) исто така стравува дека Орбан сака да ја искористи кризата за да ја прошири својата моќ: „Тука не станува збор за одговор на корона-кризата, туку за концептот на Орбан за илиберална демократија. Тој сака да ја уништи малата преостаната опозиција тврдејќи дека социјалистите ја попречуваат борбата против коронавирусот “. На Орбан му беше потребен нов непријател затоа што немаше повеќе мигранти.

Опозицијата во Унгарија, вели Добрев, сега очекува ЕУ јасно да ги истакне своите сомнежи и грижи и да го стартува механизмот за мониторинг на владеењето на правото.

Дали критичарите неоправдано се сомневаат во Орбан?

Даниел Каспари, пратеник на Европската народна партија (ЕНП) во Европскиот парламент, многу поблаго гледа на постапките на Орбан. Иако членството на Орбановвата партија „Фидес“ во ЕНП е привремено во мирување, сепак се чини дека врската не е целосно пресечена. Каспари смета дека кај унгарскиот закон за вонредни состојби не станува толку многу збор е за преземање на моќта туку за  обид пред населението да се демонстрира способноста да се дејствува во корона-кризата.

Сепак, тој смета дека е „загрижувачки“ фактот оти вонредната состојба е неограничена, но унгарскиот парламент сепак може да ја укине во секое време. Но за да го стори тоа против волјата на својот премиер и партиски шеф, за тоа би морале да се одлучат значителен дел од пратениците на Фидес. Партијата има двотретинско мнозинство во унгарскиот парламент. Заканата за казна за таканареченото „недозволено известување“ на коронавирусот, според Каспари, е погрешен одговор на оправдан проблем.