1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Стравот од „големото уво“ сѐ уште трае

31 август 2018

Изборот на директор на ОТА е блокиран во време кога висок процент граѓани сметаат дека нивните телефонски разговори не се безбедни, а сѐ уште е далеку и судската разрешница за мега-скандалот „Таргет-тврдина“.

https://p.dw.com/p/344pU
Bundespolizeiinspektion (Symbolbild)
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius
Symbolbild USA Prism NSA Abhörskandal
ОТА треба да елиминира какви било можности за волунтаристичко и незаконско следење на телефонските комуникации на граѓанитеФотографија: picture-alliance/dpa

Инсистирањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ на нејзин предлог да биде избран директорот на Државниот завод за ревизија, го закочил и изборот на директор на Оперативно-техничка агенција (ОТА), иако, наводно, била постигната начелна согласност за кадровското решение, тврдат извори од собраниската Комисија за избори и именувања. Договор меѓу пратениците по ова прашање е неопходен, бидејки директорот на ОТА во парламентот се избира со двотретинско и со Бадентерово мнозинство. Но, изборот на првиот човек на ОТА (со мандат од 5 години и без право на реизбор) наводно бил условен со барање да се поништи конкурсот за директор на Државниот завод за ревизија, на кој се пријавиле 12 кандидати, но не се пријавило и лицето што го преферирала опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Во таков маѓепсан круг сега е заглавен изборот на директор на ОТА, новата институција која треба да елиминира какви било можности за волунтаристичко и незаконско следење на телефонските комуникации на граѓаните. Со тоа се пролонгира и јавниот конкурс за вработените во ОТА, кој треба да започне седум дена по изборот на директорот. Беше најавувавно дека процедурата за кадровско екипирање ќе заврши до септември, а по техничка адаптација на објектот за ОТА, оваа институција ќе почне со работа на 1-ви ноември, како што е предвидено со Законот.

„Ова не е за по телефон“

Застојот во изборот на директорот на ОТА се случува во време истражувања на јавното мислење покажуваат дека сѐ уште постои страв кај граѓаните од „големото уво“. Резултатите од теренската анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), спроведена од 28 јуни до 15 јули годинава преку лични интервјуа со 1.100 испитаници, покажаа дека 45 отсто од анкетираните одговориле дека телефонските разговори што секојдневно ги вршат не се приватни и безбедни. Наспроти нив, 34 отсто веруваат дека никој не ги прислушува. Над половина од анкетираните сметаат дека во Македонија сѐ уште не постои владеење на правото, односно 24 отсто сметаат дека воопшто нема владеење на правото, а 29 отсто - само делумно. Дека во Македонија постои владеење на правото се изјасниле 33 %, од нив 14 % сметаат дека тоа е целосно, а 29 % делумно.

ДВ разговараше со некои од јавните личности за кои беше потврдено дека нивните телефонски броеви биле предмет на незаконско следење во откриениот мега-скандал, за кој СЈО поднесе обвинение под името „Таргет-тврдина“. Иако велат дека на телефон генерално разговараат слободно, сепак, дел од нив признаваат дека превентивно ја употребуваат и фразата „ова не е за по телефон“.

„Случајот со прислушувањето сѐ уште е далеку од судска разрешница, а ОТА сѐ уште не профункционирала. Иако верувам дека таа практика е искоренета, во овој меѓупериод добро е да се биде претпазлив“, вели еден од нашите соговорници.

Министерот за внатрешни работи, запрашан дали граѓаните треба да стравуваат кога разговараат на телефон, досега во неколку наврати уверува дека „граѓаните треба да бидат спокојни, и дека токму за таа цел една од првите работи била реформата на Управата за безбедност и контраразузнавање“.

Katica Janeva
Катица Јанева: СЈО има многу доказиФотографија: DW/F. Hofmann

СЈО го чека процесот

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева деновиве изрази надеж дека денеска конечно ќе започне судскиот процес за „Таргет-тврдина“. Таа изјави дека СЈО има многу докази дека обвинетите прислушувале над 20.000 лица и дека ја уништиле опремата преку која го извршиле кривичното дело.

Повеќе: Може да се обнови барањето за екстрадиција на Грујевски и Бошковски

Според досегашните сознанија на СЈО, во февруари 2015 година, веднаш по објавувањето на опозициските „бомби“, започнале и обидите да се сокрие фактот дека незаконското следење на комуникациите се одвивало во просториите на УБК. Прво била издадена наредба да се уништат два система, од кои едниот сè уште бил во употреба. Уништувањето на системите било изведено во две фази. Во првата фаза, системите биле демонтирани и ставени во преси, во фирма која стопанисува со отпад за старо железо . Во втората фаза уништените системи биле ставени во дробилка за да не остане никаква трага од нив, а постапката била документирана со фотографии и видеоснимки. Потоа биле отстранувани и податоците од три сервери, кои биле во сопственост на трите мобилни оператори, и уништена документација која се однесувала на сите претходни процеси.