Стравотен судир на два возови во Пакистан – десетици мртви
7 јуни 2021Во тешка железничка несреќа во јужен Пакистан загинаа најмалку 34 лица, додека најмалку 60 се повредени, соопшти министерот за железнички сообраќај Азам Свати денеска во главниот град Исламабад. Во раните утрински часови во провинцијата Синд од шините излетал воз кој доаѓал од Карачи, а кратко потоа втор воз фронтално се судрил со него.
Повредените патници се пренесени во околните болници, а се стравува дека бројот на жртви и натаму ќе расте. Повеќе патници се наоѓаат во критична здравствена состојба. Извлекувањето на загинатите и повредените продолжува, според портпарол на железницата, заглавени се уште околу 25 патници, за ослободување на жртвите се користи тешка механизација.
Локалните медиуми известуваат дека на возилата за итна медицинска помош им требале неколку часови додека стигнале на местото на несреќата. Пакистанската армија испратила трупи, два хеликоптери, лекари и санитарци за поддршка на напорите за спасување и медицинско згрижување.
Пакистанскиот премиер Имран Кан изјави дека е шокиран од несреќата, тој наредил истрага за безбедноста на железницата. Според министерот за информации Фавад Хусаин, во тек е истрага дали причина за несреќата е терористички акт или човечка или техничка грешка.
Тешките железнички несреќи во Пакистан не се реткост, шините делумно потекнуваат уште од пред сто години, од времето на британското колонијално владеење, обновен е само мал дел. Освен престарите пруги, во минатото причина за стотици жртви при железнички несреќи беа и бомбашки напади извршени од страна на исламистите и сепаратистите, но и генерално слабите безбедносни мерки во јужно азиската држава.