Страотните видеа од Мариупол на украинска болничарка
20 мај 2022Јулија Пајевска во Украина е позната како Таира. Користејќи мобилна боди-камера таа снимила 256 гигабајти материјали документирајќи ги напорите на нејзината единица, во период од две недели, да спаси што е можно повеќе човечки животи. Мемориската картичка, скриена во тампон, успеала да им ја предаде на новинари на агенцијата Асосиејтед прес кои беа меѓу последните кои го напуштија опколениот Мариупол.
Руските војници ги заробиле Таира и нејзиниот возач веќе следниот ден, на 16 март. Таа е една од стотици познати украински личности кои се водат како исчезнати или киднапирани од руските трупи во земјата, меѓу нив и бројни активисти, новинари и локални функционери.
Русија се обидува да ја портретира Таира како припадник на националистичкиот баталјон Азов, во согласност со наративот на Москва дека се обидува да изврши „денацификација“ на Украина. Но, снимките кои Таира ги снимила покажуваат дека тоа не е случај, а нејзините пријатели и колеги тврдат дека немала никаква врска со Азов.
Воената болница каде ги сместувала ранетите не е поврзана со баталјонот, а на снимките може да се види како таа спасува и руски војници, покрај украински цивили.
На видео снимено на 10 март се гледаат двајца руски војници додека излегуваат од амбулантно возило придружувани од украински војник. Еден е во инвалидска количка, а вториот е на колена, со рацете врзани зад грб, со очигледна повреда на ногата. Очите им се покриени со зимски капи.
Украински војник пцуе еден од нив. „Смири се, смири се“, му вели Таира.
Една жена ја прашува: „Зарем ќе ги негуваш и Русите?“
„Нема да бидат добри кон нас“, и одговара таа. „Но не можам поинаку. Тие се воени заробеници“.
Руски затвореник
Таира сега е затвореник на Русите. Набљудувачката мисија на ОН во Украина досега забележала 204 случаи на присилно исчезнување. Дел од жртвите биле измачувани, а најмалку петмина подоцна биле пронајдени мртви. Канцеларијата на Народната правобранителка на Украина вели дека досега добила извештаи за илјадници исчезнати луѓе заклучно со крајот на април, од кои 528 биле заробени.
Украинската влада тврди дека се обидела да го стави името на Таира на листата за размена на заробеници пред неколку недели. Но, Русија негира дека е таа нејзин заробеник, и покрај тоа што Таира беше покажана на телевизија на проруските сепаратисти во Доњецк и на руската НТВ, со лисици на рацете и со модринки на лицето.
53-годишната Таира е позната во Украина како спортска ѕвезда и болничарка. Снимените видеа се нејзина интимна приказна за војната во периодот од 6 февруари до 10 март.
На 24 февруари, првиот ден од војната, Таира го бележи преврзувањето на отворената рана на главата на еден украински војник. Два дена подоцна, им наредува на колегите да му дадат ќебе на ранет руски војник. „Покријте го зашто се тресе“, вели таа во видеото.
Војна наместо Нетфликс
Подоцна истата ноќ, две малолетни деца, брат и сестра, пристигнуваат тешко ранети по престрелка на контролен пункт. Нивните родители се мртви. До крајот на ноќта, и покрај молбите на Таира „остани со мене малечко“, умира и момчето. Таира се оддалечува од неговото безживотно тело и плаче. Потоа се враќа и му ги затвора очите. Разговарајќи со некого во темнината додека пуши, му вели: „Момчето замина. Се уште му даваат срцева масажа на девојчето. Можеби таа ќе преживее“.
Во видео објавено на 21 март на руска телевизија беше објавено нејзиното заробување, а таа е обвинета дека се обидела да избега од градот преправена. Таира изгледа грогирано и изнемоштено додека чита од изјавата која е ставена под камерата, повикувајќи на крај на борбите. Додека зборува, друг глас ги прогласува нејзините колеги за нацисти. Таа снимка е последната на која е видена жива.
Таира ја добила боди-камерата во 2021 година со цел со неа да снима за документарна серија на Нетфликс за инспиративни личности која била продуцирана од британскиот принц Хари. Но кога започна руската инвазија, таа ја искористила да го снима и спасувањето на ранетите цивили и војници во Мариупол.
Снимките се особено вредни денес, кога Мариупол е на прагот на пораз. Во едно од последните видеа, таа седи до возачот, кој исчезна со неа. Денот е 9 март.
„Две недели војна. Опколен Мариупол“, вели таа тивко. Потоа пцуе неодредено и снимката завршува.