1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Судир на салафисти и десни екстремисти во Бон

ЕМФ/дпа/дв6 мај 2012

По протестите на десни екстремисти во Бон против исламот, кои испровоцираа напад од страна на салафисти, покраинскиот министер за внатрешни работи Ралф Јегер вели дека ништо не било случајно.

https://p.dw.com/p/14qm7
Фотографија: dapd

Министерот за внатрешни работи на Северна Рајна Вестфалија Ралф Јегер е вџашен од насилството во Бон. „Систематските провокации на десните екстремисти од „Про НРВ“ со карикатури со непријателска содржина кон исламот во никој случај не ги оправдува безредијата“, изјави тој денеска (06.05) во Диселдорф.

Во безредијата во Бон вчера беа повредени 29 полицајци, од кои двајца тешко. Полицајците кои биле прободени неколку пати со нож се пренесени во болница, но не се во животна опасност, соопшти денеска портпарол на полицијата. Според полициски наводи, по вчерашното насилство, уапсени се повеќе од 100 лица.

Судирите избија за време на собир на десните радикали од „Про НРВ“ пред академијата „Крал Фахд“ во Бон. Демонстрантите од „Про НРВ“, кои биле околу триесетина на број, според полицијата, стоеле наспроти 500 до 600 контрадемонстранти. Кога десните екстремисти прикажале анти-исламистички карикатури, радикалните салафисти се обиделе да го пробијат полицискиот кордон со кој двете групи биле одвоени. Притоа, тие ги удирале полицајците со стапови и фрлале камења. Јегер ги обвинува десните екстремисти дека намерно ги испровоцирале салафистите. Министерот најави интензивна истрага за случајот. Провокациите на „Про НРВ“, според Јегер, се многу повеќе од само непристојна изборна кампања. „Про НРВ е опасна за нашата демократија“, изјави министерот.

Bonn Demonstrierende Muslime gegen Rechtsradikalismus
Фотографија: dapd

Приврзаниците на партијата „Про НРВ“, во текот на предизборната кампања за покраинските избори во Северна Рајна Вестфалија, со денови одржува демонстрации пред џамии. На први мај во Солинген, во текот на вакви демонстрации, дојде исто така до судири. Фундаменталистички муслимани ја нападнаа полицијата и повредија тројца полицајци откако десните радикали, пред една џамија, прикажаа карикатури на пророкот Мохамед.

Салафизмот, според германските тајни служби, станува собиралиште на исламисти кои се подготвени на насилство. Во Германија има околу 2500 салафисти.