Судот бара укинување на блокадата и на Јутјуб во Турција
4 април 2014Со пресудата се наредува укинување на блокадата, јавуваат турските медиуми. Судот воедно воведе едно ограничување: 15 видеа и натаму треба да останат недостапни.
И покрај ваквата пресуда, неизвесно е дали блокадата на Јутјуб ќе биде укината. Имено, во случајот со платформата Твитер, телекомуникациските власти попуштија дури по одлуката на Уставниот суд.
Двете интернет платформи беа блокирани кратко пред локалните избори во Турција, под притисок на премиерот Реџеп Таип Ердоган. Ердоган претходно го критикуваше ширењето на постојано нови обвинувања за корупција во интернет. Интернет-активистите, меѓутоа, кратко потоа пронајдоа начин како можат да ги користат социјалните мрежи и покрај забраната.
Ердоган го критикува Уставниот суд
Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган го критикуваше највисокиот суд во земјата за одлуката повторно да го деблокира Твитер. „Ние ќе се придржуваме до пресудата, но не ја респектираме“, рече тој. Највисокиот суд мораше да го одбие барањето за деблокада на интернет платформата, смета премиерот. Уставниот суд оцени дека блокадата на Твитер е јасно кршење на слободата на изразување.
Преку Твитер наводно биле објавувани тонски снимки, со кои се докажувала корупција во најтесното опкружување на Ердоган.