1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Судскиот процес за „Пуч“ одложен на неопределено

ЕМФ /агенции
1 ноември 2016

Судскиот процес за случајот „Пуч“ е одложен по единаесетти пат поради тоа што двајца поротници немале безбедносни сертификати.

https://p.dw.com/p/2RyqJ
Mazedonien Zoran Zaev
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanosovski

Судијката Љубинка Башевска денеска го одложи почетокот на рочиштето на неопределено време, поради тоа што не се знаело кога поротниците ќе ги добијат безбедносните сертификати. Тоа предизвика гнeвна реакција на специјалната обвинителка Катица Јанева, која ја обвини судијката дека намерно го одлага процесот цела година и ги малтретира нејзе и странките.

„Како не ви е срам? Цела година нé малтретирате нас и целата јавност. Правите злоупотреба на вашата службена положба. Која е вашата одговорност во оваа ситуација?" ѝ рече Јанева на судијката Башевска.

Специјалната обвинителка побара да се идентификуваат сите кои имаат безбедносни сертификати.

„Една година се одложува процесот поради безбедносните сертификати. Бидете еднаш транспарентна и покажете го да го видиме вашиот сертификат", ѝ рече Јанева на судијката, покажувајќи го својот сертификат.

Судијката Башеска возврати со констатација дека Јанева нема право да бара да ѝ бидат покажани безбедносните сертификати на членовите на Судскиот овет. Неколкупати ја опомена за нејзиното однесување и ѝ се закани дека ќе ја казни за непочитување на судот.

„Казнувајте ме колку сакате. Ние нема да престанеме да прашуваме. Има закажано судење на 3-ти и на 7-ми ноември. Ние ќе дојдеме и тогаш", рече Јанева.

Адвокатот на Зоран Заев, Филип Медарски, праша дали судот го повикал претседателот на ВМРО –ДПМНЕ, Никола Груевски, како сведок, а судијката рече дека не може да му одговори на ова прашање и искоментира: „Кога нема процесни претпоставки, како да биде викнат сведокот?".

Башевска констатираше дека судењето било одложувано девет пати заради неприсуство на обвинетиот, а трипати на барање на Јавното обвинителство, по што, и покрај натамошните прашања на Јанева и обвинетите, ја напушти седницата.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој е четвртообвинет во овој случај, во изјава за медиумите рече дека судството е „клекнато и уништено" и дека судијката „води политички, а не правен процес". Според него, судењето се одложува бидејќи тоа му одговарало на Груевски, иако според Пржинскиот договор овој процес е клучен во разрешување на политичката криза за да се утврди кој, како и зошто прислушувал во Македонија. Специјалната обвинителка Катица Јанева не даде изјава за медиумите.

Со обвинителниот акт за „Пуч“ се опфатени пет лица. Првообвинет е поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Зоран Верушевски, кој се товари за неовластено прислушување и тонско снимање, шпионажа и за помагање во насилство кон претставници од највисоки државни органи. Второобвинет е Ѓорѓи Лазаревски од УБК, за поттикнување неовластено прислушување, тонско снимање и помагање при делото шпионажа.

Сопругата на Верушевски, Соња Верушевска, е обвинета за помагање при шпионажа. Петтообвинетиот, Бранко Палифоров, вработен во Општина Струмица е обвинет за помагање при кривичното дело - насилство кон високите државни функционери.