Судството страда од лоши закони и финансиска зависност!
17 февруари 2015Ако прашате македонски судии што мислат за судството, разочарано креваат раменици. Немаат одговор зошто повеќе од половината основни судови, вклучувајќи го и најголемиот - Основен суд Скопје 2 и Апелацискиот суд во Скопје - имаат в.д. претседатели. На претседателката на Судскиот Совет, веќе два месеци и е истечен мандатот, според законот нема право на реизбор, што значи дека на сцена функционира т.н. узурпирано претседателско место. Истечен е мандатот и на директорката на Академијата за обука на судии и обвинители. Денес во Македонија работат околу 600 судии, на чија адреса завршуваат сите лоши оценки за состојбите во судството. Иако, јавно не сакаат да зборуваат за тоа, дел од таа судска сага излезе на површина преку аудио снимки од опозицискиот проект „Вистината за Македонија“, за кои лидерот на СДСМ, Зоран Заев, изјави дека сведочат за скандалозна спрега меѓу власта и врвот на судската власт. Еден од спомнатите во тие разговори е и Јово Вангеловски, поранешен претседател на Врховниот суд (2008 – 2012), а „обвинет“ од тогашниот министер за правда Михајло Маневски за „удирање клипови“ во можноста власта да има „свое мнозинство“ во Судскиот Совет.
ДВ: Господине Вангеловски, министерката Јанкуловска во разговорот со Маневски посочува дека во нејзино присуство премиерот Груевски ви се обратил лично вам и на претседателот на Собранието Трајко Вељаноски за да интервинира за еден судски предмет. Точно ли е тоа?
Вангеловски: Немало таква средба, ниту разговор. Од презентираниот разговор се гледа дека лицата зборуваат за завршен предмет, а мене никој не ми се јавил. Тоа значи дека немало интервенции кај мене. Од тој аспект мене ми е мирна совеста.
ДВ. Покрај тоа што зад себе имавте 22 години адвокатско искуство, дали токму кумството со претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, беше пресудно да ја добиете функцијата претседател на Врховниот суд?
-Повеќе пати сум кажал -не! И Вељаноски беше изненаден со мојот избор. Но, со оглед дека во повеќе прилики се потенцираше дека кумот на Вељаноски е претседател на Врховниот суд, тоа повеќе му „тежеше“ нему, отколку мене!
ДВ: Кои беа главните проблеми на судството за време на вашиот мандат?
-Прво, во тој период повеќе судови немаа ни интернет конекција, а камоли веб-страни.
Ќе ве прекинам. Веројатно ќе се согласите дека најмало зло е да се нема интернет конекција, отколку да се има постојана политичка конекција на судството со власта...
-Јас додека ја вршев функцијата, лично не сум бил жртва на политички притисоци.
Дали тоа важеше и за оние „под вас“?
-Не би можел да знам дали биле под притисок или влијание на извршната власт судиите од пониските судови.
Ќе поверува ли јавноста во ова?
-Со оглед на перцепцијата за состојбата во судството се сомневам, бидејќи има фама дека судските пресуди се решаваат врз основа на пресија.
Дали зборот „фама“ е соодветен, откако опозицијата презентираше аудио снимки кои сведочат дека спрегата власт – судство била редовна пракса?
-Не би сакал да коментирам нешто за што во претстојниот период ќе се утврдува фактичката состојба во институционална постапка.
Да се вратиме на прашањето - кој беше најголемиот проблем на судството во вашиот мандат?
-И покрај напорите да се издејствува самостојно финансирање на судството, Законот за измена и дополнување на законот за судски буџет во 2010 година, за жал, резултираше со одложување на неговата примена. Имено, од 2011 година требаше делумно да се зголемува, а од јануари 2015 финасирањето на судството да биде 0,8 отсто од БДП.
Што се случи? Веќе е февруари 2015 година...
-Иако немам егзактни податоци, за жал, мислам дека денес финансирањето на судството не е во предвидениот законски обем. Тоа значи, дека и начинот на распределба на средствата за потребите на судската власт не е независен, туку е под влијание на извршната власт.
Дали само од факторот „пари“ зависи самостојноста на судството или игра некаква улога и личниот и професионален морал на судиите?
-Да, Зависи и од етиката и стручноста на луѓето кои ги носат одлуките во судството, но не би можел да се согласам со некои оценки дека моралот на судиите е на ниско ниво. За време на мојот мандат значително се намали бројот на активни предмети. Секако, на тоа имаа влијание и законските решенија со кои дел од судските предмети отидоа во надлежност на нотарите и извршителите. Но, за околу 20 отсо беше зголемен ангажманот по глава на судија, кој се оценува врз основа на извештаите за бројот на решени и потврдени предмети. Проблемот е што судиите се притиснати со рокови за постапување, кои во поголемите судови е реално тешко да се испочитуваат поради големиот обем на предмети. Да не заборавиме дека квантитетот и квалитетот се зависни. Судиите се обврзани со рокови, а им се бара и норма и квалитет на пресуди. Тоа е страшна пресија.
Дали тој притисок кај некои од нив ја одредува точката на топење, односно, дали неможноста да го постигнат тоа, ја компензираат со попустливост кон притисоци од надвор?
Не би можел да го коментирам тоа на тој начин.
Задоволен ли сте од постигнатите резултати во вашиот мандат?
-Не во обем во кој очекував. Затекнатите состојби во 2008 до 2012 година беа подобрени со транспарентното објавување на судските одлуки, со намалување на активните судски предмети и со скратување на роковите за одлучување. Но, во тој период беа донесени и некои законски решенија кои не се најсоодветни. Измените на Законот за судовите и други системски закони за судството беа избрзано донесени. Јавната и стручна расправа изостана бидејќи беше организирана среде лето, кога сите судови беа на колективен одмор и со тоа изостана активното вклучување на судиите во таа постапка. Лоши решенија има и во измените на законите од кривичноправна област, со кои е пореметена вредноста на заштитените добра, па така според пропишаните казни пореметена е хиерархијата на заштитените добра. На ова се надоврзуваат и несоодветни процесни закони, поради што веќе се во тек постапки за изработка на измени на закони, кои тукушто почнале да се применуваат. Ако на тоа се додадат и некои кадровски решенија, мојата оценка за судството во периодот на мојот мандат се движи меѓу разочараност и надеж. За состојбите во 2015 година не би сакал да коментирам! Но, морам да напоменам дека реалните состојби во судството се значително подобри од она што како перцепцијата се создава во јавноста. Секако, тоа не значи дека не треба уште многу да се работи за подобрување на состојбите.