1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Суспензијата на Русија е историски, но само прв чекор

Штефан Нестлер / превод: ЕМФ18 јуни 2016

Меѓународната атлетска федерација не можеше да донесе поинаква одлука, освен задржување на суспензијата за Русија поради систематски допинг, оценува Штефан Нестлер. Сега мора да следат и други чекори.

https://p.dw.com/p/1J99I
Фотографија: picture alliance/AP Photo/D. J. Phillip

Меѓународната атлетска федерација ИААФ ја задржа одлуката за суспензија на Русија поради систематски допинг. Сѐ друго ќе беше тешко објасниво. ИААФ минатиот ноември ѝ ја остави на Русија ширум отворена вратата за Летните олимписки игри. Земјата имаше повеќе од половина година за да ја докаже својата добра волја во борбата против измамите во спортот. Светската антидопинг агенција ВАДА ги презеде контролите во Русија.

Ништо не е научено

Но, што се случи? Според ВАДА, контролорите добивале закани од соработници на тајните служби. Стотици контроли не можеле да бидат спроведени, меѓу другото и затоа што спортисти наводно се наоѓале во воени блокирани подрачја. Други атлетичари едноставно не го пријавувале местото каде што престојуваат, ги манипулирале своите проблеми. Како да не научиле ништо, ама баш ништо од најголемиот допинг-скандал во историјата на атлетиката. А, министерот за спорт Витали Мутко речиси секоја недела дрско оценуваше дека Русија соработува добро со меѓународните ловци на допинг.

Иронија: ИААФ како судија

ИААФ сега повлече линија. Фактот што одамна неопходната одлука ја донесе токму онаа светска федерација, која и самата со децении беше раководена од корумпирани функционери, има во себе извесна иронија. Конечно, систематскиот допинг во Русија - и не само таму - беше покриван од страна на членови на ИААФ. Не е неспорен ниту новиот претседател на федерацијата, Себастијан Коу. Дури и на денот кога Советот се состана во Виена за под негово раководство да одлучува за Русија, вознемиреност предизвикаа нови обвинувања на сметка на Коу.

МОК треба да повлече следен потег

Меѓународниот олимписки комитет (МОК) тешко ќе може да ја игнорира одлуката на ИААФ. Доказите за систематски допинг во Русија се претешки. Тешко ќе може да се спречи во одредени околности да бидат казнети и „чисти“ топ-атлетичари од Русија. Ним им останува против исклучувањето од ОИ кое им се заканува, да се жалат пред Меѓународниот спортски суд ЦАС.

Еднакви правила за сите

Веројатно првпат еден цел национален тим ќе биде исклучен од Олимписки игри поради спортска измама. Историска одлука, која има смисла само ако не остане и единствена. Истите правила треба да важат и за други држави, каде исто така има систематски допинг. Ќе „летаат“ ли и атлетичарите од Кенија? Што е со Казахстан, каде од 2012. четворица олимписки победници во кревање тегови беа позитивни на допинг тестовите? Што е со Кина, каде допинг-експертите со години насетуваат систематски измами? Ќе биде интересно да се види дали ИААФ и МОК навистина ќе имаат храброст да преземат и натамошни чекори.