Сушата ја остави Германија без бензин
9 ноември 2018Патувањето до бензинската станица за многумина возачи овие денови значи разочарување - и не само поради високите цени на бензините. Голем број бензински станици мораа да ја сопрат продажбата на бензин и дизел, затоа што едноставно останаа без гориво, вели Штефан Цигер, раководител на сојузното здружение на слободни бензински станици во Бон. Повеќето станици добиваат резерви со неколку часови или денови задоцнување. Причина за застојот во снабдувањето е ниското ниво на реката Рајна, вели портпарол на компанијата Арал во Бохум.
„Танкерите кои пловат по Рајна не пренесуваат доволно гориво, затоа што можат да превезуваат само половина или дури и помалку бензин и дизел од нивната носивост“, вели тој. Водостојот на многу реки во Германија е драматично опаднат поради високите температури во текот на летото и големата суша која ја зафати земјата во последните месеци. Транспортните капацитети на бродовите во меѓувреме се заменуваат со камиони.
Кои бензински станици ќе бидат погодени е тешко да се прогнозира, вели Цигер. „Тоа е како невреме. Никогаш не знаете каде ќе удри молња“.
Во Германија месечно се трошат околу 3 милиони тони дизел.
Двата национални празника во изминатите недели дополнително ја влошија состојбата, затоа што многу возачи полнеа дополнително гориво за да отпатуваат некаде подалеку.
Министерството за економија на 24 октомври ослободи дел од националните резерви на нафта во регионот на Рајна- и тоа 70 илјадаи тони бензин, 150 илјади тони дизел и 56 илјади тони керозин.
Резервите им се даваат на компаниите членки на Асоцијацијата на нафтени резерви (ЕБВ) со седиште во Хамбург. Членките на оваа асоцијација самите одлучуваат дали сакаат да ги преземат резервите.
ЕБВ беше формирано во периодот на нафтената криза во 1970-те години. Таму се чуваат резерви на сурова нафта и деривати кои се доволни за 90-дневно снабдување на земјата во случај на криза, или севкупно 24 милиони тони. Досега многу ретко се посегаше по резервите, а последен пат за време на Либиската криза во 2011. Никогаш досега резервите не биле користени за надминување на логистички проблеми во снабдувањето во одреден регион.
Но и однесувањето на возачите го влошува проблемот, според Цигер. „Тие полнат повеќе и побрзо од вообичаено. Тоа побрзо ги празни резервите на бензинските станици. А тоа предизвикува домино ефект. Кога нема гориво на една станица, возачот оди на следната и потоа и тие остануваат без гориво“, вели Цигер.
Од Асоцијацијата на нафтени резерви сметаат дека има уште можна причина за дупката во снабдувањето: имено експлозијата во една рафинерија во Баварија во септември, дополнително го намали капацитетот во јужна Германија и предизвика криза. Префрлањето на гориво од националните резерви не успеа да ја подобри состојбата.
Експертите велат дека релаксирање на состојбата со снабдувањето со гориво во Германија може да се очекува само доколку порасне водостојот на реките. Дотогаш, поради зголемената цена на транспортните трошоци, може да се очекува и натамошен раст на цените на бензините.