Сѐ се врти околу Меркел
24 септември 2017Седите на една од берлинските тераси и пиете кафе, истовремено гледајќи ги хеликоптерите како кружат над центарот на политичката моќ во Германија. Хеликоптерите се секојдневие за Ангела Меркел, која во време на изборната кампања постојано некаде леташе: час во јужна Германија, час на запад, упадливо често на исток.
До денот на изборите, 24. септември, зад неа ќе бидат преку 50 изборни настапи. Секогаш зборува пред неколку илјади луѓе. На нејзините изборни митинзи често се присутни помали или поголеми групи, неколку десетици луѓе од екстремно десничарското милје, кои ги попречуваат собирите.
63-годишната Ангела Меркел е во средиштето на секој ЦДУ-предизборен собир, но и во фокусот на целата изборна кампања. И секогаш, како и на изборите во 2013. и 2009. година, а уште повеќе отколку во 2005. година, сѐ се врти околу неа. Изборната кампања на владејачката партија е исто што и изборна кампања за функцијата канцелар. За ЦДУ, карикирачки, велат дека е некој вид здружение за избор на канцеларка, што датира од времето на повоениот канцелар на Сојузна Република Германија, Конрад Аденауер.
Судбоносна бегалска криза
Центарот на моќта на т.н. Берлинска Република секако е бирото на канцеларката. Меѓутоа, Меркел понекогаш изгледа како да е претседател на Германија. Тематски, важно ѝ е сѐ: Германија, безбедноста. Улогата на Германија во светот, интеграцијата на новите доселеници. Нејзе, паушално речено, ѝ е важно и како се чувствуваат граѓаните во својата земја. Таа веќе не ја отвора „бегалската тема“, а ако ја споменува, тогаш е во европски контекст. Притоа, 2015. година, со прифаќањето бегалци, политички гледано, беше нејзина судбоносна година.
Фокусот на „хеликоптер-канцеларката“ во предизборната кампања е на опозициските теми. Така, од 2005. година, на прагматичен и успешен начин ги собра најомилените теми на ривалските партии од различен политички спектар. Меркел на своите бројни и напорни патувања е главна дипломатка. Еден ден, би можела да стане навистина генерален секретар на ОН.
За збор на годината во 2015. беше прогласена кованицата „merkeln", во превод нешто како „меркелисување“, постапување во стилот на Меркел. Тој збор значи „да се сочека со одлуката, ништо да не се презема“. А потоа следеше нејзината одлука за масовен прием на бегалци и овој поим излезе од употреба. Со право. Зашто сега со нејзиното име се поврзуваат одлуки за клучни општествени теми, за кои немаше консензус, како укинување на општиот воен рок, откажувањето од атомска енергија и конечно - одлуката на парламентот за хомосексуални бракови. Неодамна, таа изјави дека овие одлуки придонесле за смирување на дискурсот во дебатите на овие теми.
За опстанок на Германија на вистинскиот пат
Откако беше создаден зборот „меркелн“, канцеларката се промовираше на сосем поинаков начин. Во 2015. и повторно во 2017. година, даде интервјуа за младите ѕвезди од Јутјуб сцената. Средбите со претставниците на младинската култура се задолжителни. ЦДУ, партија која во просек собира 60-годишници, себе си и својата програма се претставува на популарни локации за излегување во центарот на Берлин. Меркел, која живее во близина, таму намина неколку пати.
Ангела Меркел со годините добива еден вид лежерна сериозност во однос на оние кои допрва израснуваат и созреваат. Тоа ја тера на љубопитност, иновации, го буди нејзиниот истражувачки дух. „Сега мислите дека баба пак ни раскажува за војната“, кокетира таа во разговорите со младите. Но, на бившата физичарка ѝ се гледа радоста на лицето кога им ги објаснува своите ставови.
Ангела Меркел, шефица на ЦДУ од 2000. година и канцеларка од 2005. година, неодамна во едно интервју изјави: „Живееме во времиња со многу пресвртници. Сега се решава дали на Германија и во наредните 20 години ќе ѝ биде добро. Јас радо би ја креирала таа фаза, со целокупното искуство со кое располагам, за нашата земја да ја насочам на правилниот пат.“