1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СЈО во ЈО, ново судско одделение, лустрацијата - аут

12 септември 2017

Нацрт-стратегијата за реформа на правосудниот сектор е ставена на увид на јавноста и отворена за сугестии. Работната група констатира многу проблеми и предлага соодветни решенија за нивно надминување

https://p.dw.com/p/2jlMb
Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje
Еден од клучните предлози: продолжување на работата на СЈО во рамките на Јавното обвинителство на РMФотографија: DW/P. Stojanovski

Крупни промени се предвидени со „Нацрт-стратегијата за реформа на правосудниот сектор за периодот 2017-2021 година со Акциски план“, која вчера беше презентирана во Охрид од страна на Работната група. Таа предвидува подобрување на условите за работа на судиите и јавните обвинители, распределба на судските предмети без надворешни влијанија, избор и унапредување на судии и на јавни обвинители според повисоки законски критериуми и бројни измени во законската регулатива. Еден од клучните предлози е продолжување на работата на СЈО во рамките на Јавното обвинителство на Република Македонија (ЈОРМ).

„Заради постојното законско решение кое се однесува на мандатот за постапување на СЈО, а имајќи ги предвид бројноста и сложеноста на предметите во надлежност на ова обвинителство, потребно е да се создадат законски предуслови за продолжување на неговата работа како посебно одделение во рамките на ЈОРМ. Тргнувајќи од постојната кадровска и техничка екипираност на СЈО, неговата надлежност како посебно одделение во рамките на ЈОРМ треба да биде проширена и со гонење на кривични дела од висок профил на корупција (white-collar-crime). Ваквата организациска поставеност на ЈО (надополнето со посебното специјализирано одделение) ќе биде проследена и со соодветна организација во рамките на судството“, се вели во нацрт-стратегијата.

Втората поголема новина се однесува на Законот за определување на услов за ограничување за вршење на јавна функција, пристап на документи и објавување на соработка со органите на државната безбедност (познат како Закон за лустрација), кој беше укинат во 2015 година. Работната група констатира дека штетните последици за лицата кои беа жртви од овој закон, остануваат и денес.

„Заради нивна општествена рехабилитација, како и заради заштита на нивниот личен интегритет и достоинство ќе биде воспоставен правен основ за поништување на мерките преземени кон нив“, се предлага во нацрт-стратегијата.

Fatime Fetai, Katica Janeva (Leitung), Lence Ristoska
Се предлага надлежноста на СЈО како посебно одделение во ЈОРМ да биде проширена и со гонење на кривични дела од висок профил на корупцијаФотографија: DW/F. Hofmann

Херметички затворен влез

Со оглед на констатираните недостатоци, работа ќе има многу. Работната група оценила дека најголемите слабости од нормативен и од практичен аспект се забележани кај одредбите во однос на изборот, напредувањето, оценувањето и разрешувањето на судиите и јавните обвинители. Се критикува и фактот што не е предвидена никаква одговорност за членовите на Судскиот совет избрани од редот на судиите, тоа што критериумите за избор на судии се недоволно објективни, постапката недоволно транспарентна, а „влезот“ во судската и обвинителската професија - строго бирократизиран и „херметички“ затворен со задолжителноста да се заврши почетна обука во Академијата за судии и јавни обвинители.

„Македонија е единствената држава во која Академијата има целосен монопол во одлучувањето за тоа кои ќе бидат идните судии и јавни обвинители“, оценила Работната група, со забелешка дека нејзината улога во оваа насока е помоќна и од улогата на Судскиот совет и Советот на јавни обвинители.

„Со измените и дополнувањата на Законот за Академијата од декември 2015 се спуштија критериумите за прием на кандидати за јавни обвинители и се скрати нивниот циклус на обуки од 24 месеци на само 9 месеци. Наместо ваквата поставеност на одредбите за регрутирање кадри, потребно е да се овозможат законски претпоставки за одреден процент судиски и обвинителски места да бидат пополнети и без задолжителна почетна обука во Академијата, но од правници кои имаат долгогодишно работно искуство во адвокатура, од искусните стручни соработници во судовите, од универзитетски професори и претставници на други правни професии. На тој начин би се демонополизирала улогата на Академијата во чие работење последниот период се забележуваат бројни недоследности“, потенцира Работната група. Таа препорачува улогата на Академијата да се димензионира во рамките на одржување на континуирани и специфични обуки за судиите и јавните обвинители, за да се одржува нивната стручна кондиција и да се спречи нивното професионално стареење.

Измени во законската регулатива

Серија забелешки се адресирани и до Судскиот совет на Република Македонија, орган кој треба да биде заштитник на независноста и самостојноста на судството.

„Но оваа своја улога Советот не ја реализира, ниту пак успеа изминатава деценија да се наметне во општеството како гарант или чувар на независноста на судиите кои ги избира, унапредува, оценува и разрешува. Последниве години, напредокот не само што изостанува, туку забележани се и извесни назадувања во работата, првенствено поради недостигот на контролни механизми, одговорност и отчетност на работењето членовите на Судскиот совет. На овој начин Судскиот совет станува поттикнувач на зависно судство, подложно на надворешни влијанија и притисоци од различен вид“, се оценува во стратегијата.

Работната група констатира дека при донесувањето на одлуки за исти или слични правни основи, забележлива е состојба на отстапувања во толкувањето и примената на законите од страна на основните  судови, а посебно апелациони судови од исти или различни оддели. Пресудите недоволно и нејасно се аргументираат од страна на судиите и не се применуваат одлуките на ЕСЧП за донесување и аргументација на одлуките. Во стратегијата се предлагаат и бројни измени на законската регулатива, носење на потполно нов Закон за управните спорови, како и менување на Законот за судовите.

Mazedonien Protest vor dem Verfassungsgericht in Skopje Sicht von der alten Steibrücke
Бројот на судиите и судскиот персонал на 100.000 жители во Македонија е значително повисок од европскиот просекФотографија: DW/P. Stojanovski

Кадровски и буџетски ресурси

Според министерот за правда, Билен Саљији, Владата е цврсто одлучена да спроведе реформи во овој сектор за да се врати довербата на граѓаните во правосудниот систем и да се подобри пристапот до правда за сите граѓани.

„Ова се едноставни принципи, но нивната имплементација е бескрајно компликувана. Оваа реформа е еден од клучните делови на планот '3-6-9' на Владата и донесувањето на оваа стратегија и нејзината имплементација ќе значат огромен чекор напред во приближувањето на владеењето на правото во Република Македонија со развиените западни демократии, па со тоа ќе биде совладана уште една препрека на патот кон евроатлантските интеграции“, рече Саљији.

Дел од забелешките се однесуваат и на кадровските и буџетски ресурси, односно на нивното досегашно менување без соодветна проценка. Во ноември 2015 година, Судскиот совет донел одлука за намалување на бројот на судиите од 740 на 557 без да биде извршена проценка на влијанието. Во 2015 година, Јавното обвинителство вработило 130 лица нов помошен персонал, повторно без јасно поставена стратегија. Во 2016 година, буџетите на судовите и обвинителството биле значително пониски од европскиот просек по глава на жител, додека бројот на судиите и судскиот персонал на 100.000 жители бил значително повисок од европскиот просек, со што се поставуваат прашања во врска со ефикасноста и правилната распределба на ресурсите.

„Иако бројот на судии по глава на жител претставува важен критериум за мерење на резултатите од работењето на судовите, за ефикасноста од важност е и состојбата со судската администрација. Загрижува фактот дека само 14,5% од судските службеници се стручни соработници. Не постојат соодветни критериуми за избор и одговорност на судски администратори“, укажува Работна група.

Во нацрт-стратегијата образложена на околу 40 страници има и други забелешки. Претседателката на Работната група, Ана Павловска-Данева, ја повика јавноста да ја прочита и да ја анализира стратегијата, а во наредниот период групата ќе биде на располагање да ги слушне сите сугестиии каде што е соодветно - да ги имплементира.