СЈО замина со недозавршена работа од УБК
21 октомври 2016Специјалното јавно обвинитилство денеска завршило со реализацијата на едната судска наредба, со која се бараа податоци за лица кои биле опфатени со посебни истражни мерки (ПИМ) од 2008 до 31.12.2015 година, како и книгите за евиденција за тие мерки. Втората судска наредба се однесуваше за одземање комјутерски податоци, по прашањето кои броеви биле предмет на следење на телефонските комуникации, односно кој се бил прислушуван, со цел да се направи споредба дали има совпаѓање меѓу наредбите за ПИМ и обемот на следените комункикации.
„Одземени се сите наредби за Посебни истражни мерки за следење на комуникациите и книгите за евиденција како и бараните компјутерски податоци од системот за следење на комуникација. Останува да се изврши дополнително одземање на компјутерските податоци за кои е потребна асистенција од надворешен експерт и очекуваме во наредниот период да се изврши и тој дел од наредбите“, соопшти денеска СЈО.
Како што тврдеа функционери од МВР, за извршување на втората судска наредба било неопходно присуство на претставник на производителот на опремата, како и на двајца вработени во УБК, кои, наводно, единствени имале пристап за влез во системот. Двајцата на повик на нивниот раководител вчера се вратија во земјава, но не е извесно кога ним ќе им се придружи претставник на производителот на опремата. Неофицијално, на највисоко ниво веќе била започната процедура за негово доаѓање, но се уште не е извесно кога тоа ќе се случи. Поради ова, не е извесно дали обвинители од СЈО и натаму ќе останат на дежурства во УБК или ќе се вратат таму тогаш кога ќе има кадровска, стручна и техничка можност за експорт на преостанатите компјутерски податоци од системите за следење на комуникациите.
Тимот на СЈО деновиве се соочи со несоработка од УБК во спроведување на судските налози, што од раководството на Управата беше образложено со „технички и безбедносни причини“. Според УБК, при неопходното одвојување на завршените од актуелните посебни истражни мерки, постоела опасност да се предизвика прекин на тековните ПИМ, а со тоа и ризици за безбедноста.