1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

СЈО меѓу напад и одбрана

25 јули 2019

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вчера ги најави клучните забелешки за идниот статус на СЈО со кои партијата ќе настапи во парламентот, а веројатно и тој на денешната средба со еврокомесарот Хан.

https://p.dw.com/p/3Mh52
Mazedonien Press Sonderstaatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski DW/P. Stojanovski

Владиниот предлог закон за Јавното обвинителство е пред голема неизвесност дали ќе добие двотретинска поддршка во парламентот. Во заднина, меѓу опозициски парламентарни партии наводно веќе биле водени разговори на оваа тема, со став тој да не се прифати во оваа форма, особено не делот кој го регулира идниот статус на СЈО во редовното Обвинителство. Како што дознаваме, таков став имале и дел од  осумте пратеници од независната пратеничка група, што го доведува во прашање неопходното мнозинство од 80 гласа за поддршка на законот.

Не е извесно дали денешната посета на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан ќе ги убеди опонентите на предлог законот дека треба да се сочува капацитетот на СЈО во рамките на ЈО, а во контекст на реформите и очекуваниот датум за почеток на преговори со ЕУ. Хан доаѓа во период кога политичка тема број еден во земјата е случајот „Рекет“, кој персонално го засега врвот на СЈО, и несомнено ќе ја тангира и аргументацијата за одбрана на оваа институција, без оглед што сомнежите не се генерализираат за целиот кадровски состав.

Повеќе:

Колку пораки испрати Катица Јанева?

Јанева: Чиста сум!

Законот за ЈО - нова битка за 80 гласа

Да се вратат од каде што дошле

Но, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, кој денес ќе има средба со Хан, вчера во интервју за ТВ „Сител“ веќе ги најави аргументите со кои партијата ќе настапи во парламентот во однос на предлог законот за ЈО, а веројатно и тој на денешната средба со еврокомесарот. Мицкоски изјави дека ВМРО-ДПМНЕ предлага државниот јавен обвинител да ги преземе случаите на СЈО, а не обвинителот којшто треба да го предводи новото Обвинителство за организиран криминал и висока корупција.

„Државниот јавен обвинител да ги преземе во фаза во која што се - дали се во фаза на разгледување докази, распит на сведоци, завршни зборови, жалби пред Апелација и.т.н., и согласно со препораките на експертската јавност тие процеси да ги распредели на обвинителствата таму каде што припаѓаат. Не се сите тие случаи организиран криминал и висока корупција. Дел од тие процеси ќе припаднат и во основните обвинителства", рече Мицкоски.

Hristijan Mickoski PK Mazedonien
Човечкиот ресурс со кој располага СЈО го смета за дискутабилен и проблематичен: Христијан Мицкоски, лидер на ВМРО-ДПМНЕФотографија: DW/P. Stojanovski

Вториот клучен предлог на опозицијата се однесува на предметите кои што се почнати по законскиот рок на СЈО (по 30 јуни 2017 година), а кои лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги нарече „правна фикција". Тој понуди предлог како тие да бидат третирани.

„За да не бидеме обвинети дека ние сме еден вид на заштитници на криминалот, секогаш постои опцијата државниот јавен обвинител по допрен глас да ги отпочне овие процеси, да поведе истрага, да види дали во таа истрага ќе собере доволен број на докази, тие докази да ги преточи во обвиненија, па потоа тоа обвинение да кулминира со осудителна или обвинителна пресуда“, сугерира Мицкоски.

Притоа потенцираше дека човечкиот ресурс со кој располага СЈО го сметаат за дискутабилен и проблематичен, а би било спротивно на заложбите за битка против криминалот и корупцијата таков состав само да се пресели во ново одделение во ЈО. Особено што и законот за СЈО предвидува тие по завршување на мандатот да се вратат во обвинителствата од каде што претходно биле преземени.

„Дел од тој човечки ресурс, вклучително и специјалната јавна обвинителка и јавните обвинители кои што биле тим на СЈО, се контаминирани со случајот ‘Рекет'. А според законот, не можат да се вратат во ова новоформирано обвинителство или новоформирано одделение, туку мора да се вратат во обвинителствата од каде биле преземени во СЈО", потсети Мицкоски.

Второто ниво на проблематичност во човечките ресурси на СЈО тој го лоцираше во непотизмот во институцијата, каде се вработени ќерки, синови, братучеди, идни снаи и други блиски на обвинителите.

„Со законот се предвидува сите овие да бидат преземени од страна на новото обвинителство. И сега се поставува прашањето - кого поддржуваме ние? Луѓето кои биле соучесници во ‘Рекет' за да го заштитат истиот тој процес, или пак тие треба да се борат да бидат бескомпромисни со криминалот?“, праша Мицкоски.

Neue US-Botschaft in Skopje, 03.07.2009 (Mazedonien, Skopje, USA, Ricker, Fuere) Foto: Petr Stojanovski
Ставот на САД околу случајот „Рекет“ е да има темелна, брза и транспарентна истрага, изјави новата американска амбасадорка во Скопје, Кејт БрнсФотографија: Petr Stojanovski

Брнс: Брза, темелна и транспарентна истрага

Разврската на „Рекет“ и неговото влијание врез новото законско решение за Обвинителството со внимание го следат и амбасадорите во земјава. Новата амбасадорката на САД, Кејт Брнс, деновиве во интервју за ТВ „Алсат-М“ се изјасни дека ставот на САД околу случајот „Рекет“ е да има темелна, брза и транспарентна истрага.

 „Ова се многу сериозни тврдења, а во сите случаи каде што постојат тврдења за корупција и за злоупотреба на функцијата, ние поддржуваме темелна, брза и транспарентна истрага. Исклучително е важно, во секој случај со вакви тврдења, тие поединци да бидат повикани на одговорност, а Владата да презема дејствија. Ги уважуваме и ги поздравуваме чекорите што ги презема Владата за ставање крај на корупцијата и во борбата против неказнивоста. Но има уште работа што може да се заврши. Ние ќе продолжиме да го поттикнуваме премиерот Заев да бара одговорност од сите владини претставници и да гарантира дека без оглед на нивото на функцијата, луѓето треба да имаат доверба во владините институции и тоа што тие можат да сторат за нив“, изјави Брнс.