СЈО на прес: „дожд“ од обвиненија
29 јуни 2017На еден ден пред истекот на законскиот рок, Специјалното јавно обвинителство на прес-конференцијата ќе соопшти за кои случаи ќе поднесе обвиненија. Последната прес-конференција СЈО ја одржа на 22-ри мај, кога беше најавено отворањето на три нови истраги: „Траекторија“ (за изградба на автопат), „Тревник“ (за незаконски изградени викендички) и „Талир“ (за незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ).
Според информациите на ДВ, единствено за случајот Талир во кој првоосомничен е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и експремиер Никола Груевски нема да биде подигнато обвинение од процесни причини. СЈО досега подигна три обвиненија: за незаконско уништување на документација од системите на прислушување, за нарачаното насилство во општина Центар, и за случајот „Транспортер“.
Во сите други случаи за кои беше отворена истрага во изминатите 18 месеци ќе биде поднесено обвинение. Во нив беа опфатени серија законски прекршувања и кривични дела, од изборни измами, незаконско следење на комуникации преку корупција и злоупотреба на службена должност. Сите досегашни случаи на СЈО започнуваа на буквата „Т“, меѓу нив: „Титаник“ , „Таргет“, „Тврдина“, ,„Тенк“, „ТНТ“, „Траекторија“, „Трезор“, „Тортура“, „Тендери“, „Тарифа“, „Труст“, „Табла“, „Триста“, „Тотал“, „Тифани“, „Топлик“, „Тревник“...