Табакера за папата - подарок од внукот на Мајка Teреза
4 септември 2016
Филигранска табакера врз која е поставена позлатена статуетка на Мајка Тереза, е подарокот што го доби папата Франциско од скопјанецот Алојз Гомбар (66), внук на големата хуманистка. На аудиенцијата одржана по прогласувањето на Мајка Тереза за света, нему му се оствари желбата да се сретне со папата и лично да му го даде подарокот.
„Три месеци траеше изработката на оваа табакера. Ја работев со голема љубов секој ден“, вели Алојз, златар од Скопје, чија мајка била прва братучетка со Агнеса Гонџа Бојаџиу.
Алојз досега многупати бил во Рим, но немал можност за средба со папата. Желбата му се исполнила, откако во март годинава во Скопје дошол државниот секретар на Ватикан, кардиналот Пјетро Паролин.
„Тогаш од Владата ме повикаа да присуствувам на вечерата во негова чест. Кардиналот во разговорот изрази желба како роднина на Мајка Тереза да присуствувам на канонизацијата. Така влегов во протоколот за тој голем настан“, вели Алојз.
На денешното прогласување на Мајка Тереза за света, Гомбар присуствуваше заедно со официјалната државна делегација - претседателот Ѓорге Иванов, министерот за надворешни работи Никола Попоски, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, делегации на Католичката црква во Република Македонија и на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, партиски лидери и градоначалникот на Скопје.
Во Рим пристигнаа и голем број Македонци кои ја искористија можноста што им ја дадоа неколку домашни туристички агенции, со специјални аранжмани за присуство на денешната канонизација. Тие вечерва во 19 и 30 часот во црквата „Св. Станислав“ ќе имаат можност да присуствуваат и на отворањето на изложбата посветена на големата хуманистка.
По денешната церемонија во Ватикан, и во капелата на Спомен - куќата на Мајка Тереза започна свечена света евхаристија во чест на новата светица. Со тоа, од денеска во Македонија и официјално започнува еднонеделната манифестација „Татковинска прослава - Денови на Мајка Тереза“ која ќе трае до 11 септември. Деновите ќе бидат одбележани со серија хуманитарни активности, чествувања и свечена академија за Мајка Тереза во Македонската Академија на науките и уметностите. На 8-ми септември во катедралата „Свето Срце Исусово“ во Скопје ќе се одржи и света миса за Денот на независноста на Република Македонија, а литургијата ќе ја предводи белградскиот надбискуп Станислав Хочевар. Централната манифестација ќе се одржи в недела на 11 септември, кога на плоштадот „Македонија“ ќе се одржи понтификална света миса, што ќе ја предводи специјалниот пратеник на папата Франциск, кардиналот Винко Пулиќ. Организатор на прославата е Скопската бискупија, покровител претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, а градот Скопје за оваа манифестација одвои еден милион денари.