Западните земји евакуираат дипломатски персонал од Кабул
14 август 2021Во изминатите осум дена талибанците освоија речиси половина од 34 провинциски главни градови, вклучувајќи го вториот по големина град во Авганистан, Кандахар, исламистите сега се наоѓаат на педесетина километри од престолнината Кабул.
Авганистанскиот претседател Ашраф Гани пак, во својот прв јавен настап преку телевизијата по напредувањето на талибанците, изјави дека нема да се откаже од „достигнувањата“ во последните 20 години и дека се во тек „консултации“ со локалните лидери и интернационалните партнери.
Покрај Германија, од вчера и други европски земји како Велика Британија и Шпанија најавија повлекување на дипломатскиот персонал од Авганистан. САД ќе овозможат заминување на илјадници луѓе дневно, користејќи и опции за комерцијални летови, а до американската амбасада во Кабул е испратена наредба за уништување на доверливи материјали. Според претставник на амбасадата, треба да биде уништено сѐ што талибанците можат да го злоупотребуваат за своја пропаганда. Во Авганистан во меѓувреме пристигнуваат првите од 3.000 американски војници кои треба да ја помогнат евакуацијата.
Држави како Германија, Велика Британија, Холандија и Шпанија се решија на редуцирање на дипломатскиот персонал во Кабул. Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас изјави дека амбасадата мора да биде во функционална состојба, но „персоналот ќе биде редуциран на оперативно нужниот апсолутен минимум". Данска и Норвешка најавија привремено затворање на своите дипломатски претставништва во Кабул. Германија ќе продолжи со претходно планираните чартер летови за во Германија да ги донесе авганистанските локални соработници, кои се наоѓаат во опасност.
-повеќе:
Страв за Кабул- САД ги засилуваат трупите
Неуспехот на Западот во Авганистан, Ирак, Либија
Авганистан: Крај на сонот за извоз на демократија
Државниот министер во германското Министерство за надворешни работи Михаел Рот предупреди од драстичен скок на бројот на авганистански бегалци со што може наскоро да биде конфронтирана и Германија.
Канадската влада најави веќе дека ќе прифати околу 20.000 бегалци од Авганистан. Понудата се однесува посебно на жени на раководни позиции, владини соработници, активисти за човекови права, новинари и припадници на прогонети малцинства.
Според генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, талибанците во области кои ги контролираат вршат вџашувачки злосторства против човештвото. „Болно е да се гледаат извештаите според кои на авганистанските жени и девојчиња им се одземаат нивните макотрпно освоени права“, изјави Гутереш.
Жителите на Кабул во меѓувреме живеат во неизвесност. „Не знаеме што ќе се случи“, сведочат некои за новинската агенција АФП.
Западните земји се загрижени и дека Авганистан, по 20-годишното меѓународно воено присуство, повторно може да се претвори во легло на тероризам.