1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Талибанците конфискувале милиони во кеш и златни прачки

ЖА / дпа
16 септември 2021

Милитантно-исламистичките талибанци во Авганистан заплениле преку 12 милиони долари во форма на кеш и златни прачки од припадниците на поранешната влада.

https://p.dw.com/p/40Nre
Afghanistan Taliban beschlagnahmt bei Zentralbank große Menge Geld
Фотографија: DA AFGHANISTAN BANK/REUTERS

Како што соопшти Централната банка на Авганистан синоќа во главниот град Кабул, парите и златото биле најдени во куќите на членови на поранешната влада и на бивши високи функционери. Поименично е споменат само поранешниот заменик-претседател на државата, Амрулах Салех. Салех минатиот месец, по бегството на поранешниот претседател на државата Ашраф Гани, се прогласи за важечки шеф на државата.

Откако талибанцитена средината на август ја презедоа власта, Салех го организира отпорот против нив во провинцијата Панџир. Не е наведена точната сума која наводно била пронајдена во куќата на Салех. Централната банка на Авганистан во меѓувреме ја контролираат талибанците. Висок по ранг талибанец на Твитер објави дека во домот на Салех биле пронајдени преку шест милиони американски долари во банкноти и 18 златни прачки. Салех досега не се изјасни за ваквите тврдења, а неговото место на престој не е познато.

Пред неколку недели поранешниот авганистански амбасадор во Таџикистан, Мохамед Сахир Агбар, тврдеше дека Ашраф Гани при бегството од својата земја однесол 169 милиони долари, по што Гани тоа категорично го демантираше. Според медиумски извештаи, Централната банка испратила барање до банките да ги замрзнат сметките на поранешните функционери.