Тајна посета на канцеларката Меркел во Авганистан
6 април 2009„Морате едноставно да сфатите дека со оглед на драматичната безбедносна ситуација не можевме однапред да објавуваме информации за рутата по која ќе се движи канцеларката во северниот регион“ - порача денеска во Берлин портпаролот на владата Томас Штег.
Двете гранати кои паднале во близината на воената база на германската армија во Кундус не причиниле никаква штета, ниту пак повредиле некого, појаснија извори на Министерството за одбрана во Берлин. Ова е деветти напад врз базата од почетокот на оваа година, додаде портпаролот на министерството Кристијан Динст. „Кундус е познат како опасно место, каде се концентрираат активностите на непријателот. Останатите региони во кои носиме одговорност за безбедноста се помирни во споредба со Кундус.“
Кабул е премногу опасен
Од владини извори во Берлин се дознава дека канцеларката овој пат се концентрира на северниот дел на Авганистан и нема воопшто да допатува во Кабул. Затоа таа пред патувањето по телефон разговарала со претседателот Хамид Карзаи и меѓу другото иразила негодување поради новиот закон во Авганистан, кој на жените припаднички на шиитската религиозна заедница им пропишува најмалку секој четврти ден да ги извршуваат брачните обврски кон сопругот. Според портпаролот Томас Штег, канцеларката нагласила дека: „Овој закон не им соодвествува на замислите на германската влада за рамноправноста меѓу мажите и жените. Канцеларката апелираше претседателот Карзаи уште еднаш да го провери овој закон пред да го потпише. Тој вети дека ќе го стори тоа.“
Добро промислен потег
Посетата на канцеларката Меркел на Авганистан доаѓа по бројните критики од политичарите во Берлин дека покажува премал интерес за најголемиот и најскапиот ангажман на германската армија во странство. Покрај тоа, со ситуацијата во Авганистан деновиве се занимаваше и НАТО, па посетата на канцеларката треба да биде и доказ за важноста што германската влада и’ ја придава на меѓународната мисија во оваа земја. Конечно, експертите посочуваат дека наесен на Германија и’ претстојат парламентарни избори.
Автор: Нина Веркхојзер/ Горан Чутановски
Редактор: Жана Ацеска