ТВ-дуел: Шулц изненади, Меркел победи
4 септември 2017ТВ- дуелот меѓу Ангела Меркел и Мартин Шулц беше голем телевизиски настан во Германија: тој истовремено беше пренесуван на четирите најголеми телевизии во земјата, и се проценува дека го следеле 20 милиони гледачи. Ако се суди според искуството,l Меркел со нејзините 4 досегашни ТВ-соочувања спроти дуелот имаше значителна предност пред Шулц кој беше новајлија. Затоа тој од самиот почеток на ТУ-дуелот го правеше она што веројатно мораше да го прави и се покажа како многу офанзивен. Битката за канцелар за него не е готова и покрај лошите резултати кои СПД ги има во актуелните анкети. Секој втор избирач сѐ уште нема одлучено кому ќе му го даде гласот.
Шулц застана во одбрана на својот поранешен приговор оти канцеларката Ангела Меркел со својот политички стил врши „напад на демократијата“. „Острата формулација“ предизвика „неопходна дискусија“, смета Шулц. Тој призна дека се работело за „остра формулација“, додавајќи оти со „таква острина сигурно нема да се повтори“,
Доселувањето и интеграцијата- едни од најважните теми
На почетокот на дебатата канцеларка Ангела Меркел ја дочека темата на миграција. Таа рече дека бегалскиот бран не го гледа како опасност и додаде оти Германија долго време профитираше од глобализацијата. Тоа меѓутоа не значи, истакна канцеларка, дека сите луѓе можат да дојдат во Германија. Шулц нагласи оти интеграцијата на бегалците на работниот пазар ќе потрае подолго. Половина милион луѓе не можат да се интегрираат само за неколку години, рече Шулц и додаде оти тоа е тешка задача, и дека затоа образованието е толку важно. И Меркел оцени оти интеграцијата ќе потрае подолго, без разлика на големите напори кои се вложуваат. Канцеларката, исто така, додаде дека и во меѓувреме сѐ повеќе бегалци, како Ирачаните, се враќаат во своите татковини.
Јасни зборови за Турција
Кандидатот на Социјалдемократската партија имаше јасни зборови кога станува збор за Турција. „Доколку бидам канцелар, ќе ги запрам пристапните преговори (на Турција) со ЕУ“, рече Шулц. Однесувањето на Турција не остава друг избор, иако, како што истакна, тој долго се залагал за нејзин пристап во ЕУ. „Сите црвени линии се пречекорени“, рече Шулц. Тој , меѓутоа додаде и дека за запирањето на пристапните преговори Германија не може сама да одлучи, и оти тоа мора да се договори со европските партнери.
Меркел оцени дека Турција со неверојатно темпо се одалечува од демократските текови. Исто како и Шулц, и канцеларката нагласи оти пристапните преговори со Турција можат да бидат запрени само со едногласна одлука на земјите од ЕУ. Тоа сѐ уште се разгледува, рече канцеларката и додаде дека е неопходно да се изврши економски притисок на Турција.
Една тема од телевизискиот дуел беше и претседателот на САД , Доналд Трамп. „Имаме големи спротиставени мислења со американскиот претседател“, призна канцеларката. Како пример го наведе прашањето за климата, но и изјавата на Трамп по повод расистичките конфликти во Шарлотесвил. „Тука застанува здивот“, рече канцеларката, оценувајќи оти за разликите треба да се разговара.
Шулц рече дека според негово мислење претседателот на САД Трамп не е во состојба да го реши конфликтот со Северна Кореја. Тој не верува оти Трамп може да пронајде решение. „Проблемот што го имаме со Трамп е непресметливоста“, смета кандидатот на социјалдемократите.
Шулц зборува за недостаток на социјална правда
Потоа следеше расправата за ситуацијата во Германија. И покрај високиот економски раст и ниската невработеност, Шулц зборуваше за недостаток на социјална правда. „Имаме уште 2 милиона невработени“, рече тој. Многу луѓе имаат договори на ограничено време. Во големите градови становите едвај да можат да се платат и од две плати. Шулц, меѓутоа, смета дека добриот економски раст нуди можност да се стори нешто за тие луѓе.
Во завршниот збор канцеларката Меркел вети дека Германија и во иднина ќе се одржи силна и оти ќе се обезбедат нови работни места. „Сега мораме да ги утврдиме насоките за иднината“, истакна таа. „На тоа сакам да работам за Вас и со Вас. И верувам дека тоа го можеме заедно“.
Шулц апелираше до избирачите дека во несигурни времиња да покажат цврста верба. „Најдобро средство за напредок е храброста“, објасни тој. „Обликување на иднината, а не управување со минатото.“ Шулц замоли да му се укаже доверба за да служи како канцелар на една европска Германија.
Првото и единствено предизборно соочување на Меркел и Шулц во живо го пренесуваа четирите најголеми германски телевизии АРД, ЗДФ, РТЛ и САТ1. Дуелот меѓу шефицата на демохристијаните- која е канцеларка од 2005 година- и нејзиниот противник, кандидатот на социјалдемократите, траеше 90 минути. Четворица новинари од споменатите телевизии, на Меркел и Шулц им поставуваа прашања кои се однесуваа на миграцијата, надворешната политика, социјалната правда и внатрешната безбедност.
Меркел пред нова сигурна победа?
Уште пред дуелот, на големо се дискутираше за форматото на емисијата. СПД и поранешниот главен уредник на телевизијата ЗДФ Николаус Брендер го критикуваат канцеларскиот кабинет дека поставува услови и ги диктира правилата на ТВ-дуелот. Телевизиите посакуваа уште едно соочување, што канцеларката Меркел го одби.
Во анкетите направени веднаш по дуелот, граѓаните и дадоа предност на Меркел. 32 проценти од гледачите, според анкетата на телевизијата ЗДФ, сметаат ека Меркел била подобра, додека за Шулц се изјасниле 29 проценти. 39 насто пак не виделе некоја поголема разлика. Во испитувањето спроведено од телевизијата АРД, Меркел со дури 55 проценти е видена од гледачите како далеку подобар ривал во дуелот против Шулц со 35 насто. Инаку и двете анкети сугерираат дека многу граѓани биле позитивно изненадени од настапот на Шулц. Според онаа на ЗДФ 51 насто од гледачите сметаат дека бил подобар отколку што очекувале а само 11 насто полош.
Сето тоа говори дека Меркел и партиите на Унијата се на добар пат да остварат нова убедлива победа на изборите за Бундестагот. Нивната моментална предност во однос на Социјалдемократите на Шулц, ако се суди според анкетите изнесува 38:24 насто.Кога станува збор за канцеларската функција, Меркел е уште поубедлива во однос на Шулц: кога канцеларот на Германија би се избирал на директни избори 50 насто од граѓаните на Германија би гласале за Меркел додека за Шулц само 25 проценти. Во овој сооднос веројатно многу нема да промени ниту првиот и последен ТВ-дуел во предизборната кампања.