Твитер влегува на германските универзитети
10 мај 2012Трир е град со бројни споменици уште од време на старите Римјани - каkо што е две илјади години старата „Порта Нигра“ или „светата одора“ на Исус Христос.
Но, еден човек се погрижи за нешто ново. Ханс Јирген Бухер од овдешниот универзитет ги надмина границите на традиционалното и тестира нов вид образование на факултетите - предавање 2.0.
„Размислував дали можеме изразито монолошкиот начин на предавања, настанат во 19-ти век, да го прилагодиме на актуелните прилики и медиуми“, вели Ханс-Јирген Бухер, универзитетски професор по медиумски комуникации.
Тоа е можно. Неговите предавања за историјата на медиумите уште изгледаат многу традиционално: тој стои пред студентите и предава. Но, паралелно во салата се наоѓа и екран, т.н. Твитерѕид. Студентите можат преку своите компјутери или мобилни телефони да испраќаат пораки, да коментираат и прашуваат.
На студентите им се допаѓа новиот концепт.
„Мислам дека нуди многу предности за студентите кои се срамежливи и не се осмелуваат да се јават за време на наставата“, вели еден студент.
„Во прв момент изгледа како техничка играчка за студентите кои и така носат лаптоп компјутери на предавањата. Но, се покажа како многу повеќе од технолошки играрии, зашто темелно ја промени атмосферата во салата. Севкупно земено, предавањето се разви во дијалошки процес“, истакнува професорот Бухер.
А, тој процес се одвива на повеќе нивоа. Студентите преку Твитер ги коментираат предавањата, но и Tвитер пораките на своите колеги. Постојат повеќе нивоа на комуникација, што бара голема концентрација.
„Ја следите Пауер поинт презентацијата, потоа професорот, шумовите околу вас, па Tвитер пораките, но чудно, се‘ заедно многу добро функционира“, објаснува една студентка.
„Тоа ја промени и мојата улога како предавач. Вака станувам модератор на една комуникациска ситуација“, дополнува професорот Бухер.
Сето беше планирано како мал тест, но екранот со Твитер пораки веќе се етаблира. Универзитетот во Трир така станува Универзитет 2.0.