1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Твитер-полиција

Ш. Шааф/ Ж. Ацеска25 ноември 2014

Од пред неколку години во Шпанија полицијата одненадеш ја сметаат за „кул“ и дека е во тренд. Имено, пиштолите и лисиците се тргнати на страна, а посегнале по друго оружје: Твитер, платформата за испраќање кратки пораки.

https://p.dw.com/p/1Dmjo
Фотографија: REUTERS/Jesus Blasco de Avellaneda

На чуварите на редот и во Шпанија, како и речиси секаде во светот, се гледа со почит. Сепак, долго време „Полисиа насионал“ се бореше со имиџот дека е по малку старомодна.

Но, од пред неколку години во Шпанија тоа се промени - полицијата одненадеш ја сметаат за „кул“ и дека е во тренд; доволна причина да прашаме: зошто полицијата одеднаш стана толку популарна?

Патот не‘ доведе во една полициска станица во Мадрид. Овде пиштолите и лисиците ги тргнале на страна, а посегнале по друго оружје: Твитер, платформата за испраќање кратки пораки. Карлос Гера, претставник за печат, пред пет години го отвори акаунтот на полицијата ет-полисиа(@policia).

Сега имаат 1,1 милион следбеници, повеќе отколку ФБИ или ЦИА.

„На луѓето им се обраќаме многу лично и директно, понекогаш со намигнување и секогаш со симпатија“, вели Гера.

Во оваа специјална дигитална единица полицајците испраќат твитови, појаснуваат, даваат совети и се разбира, добиваат информации од населението. И тоа со успех: над петстотини апсења само во нарко-милјето се должат на информации добиени преку Твитер.

Гера и колегите редовно објавуваат линкови за видео-клипови. Стратегијата им е: интервенции со многу акција - така привлекуваат следбеници.

„Луѓето не‘ прашуваат како работиме, сакаат да гледаат необични и интересни видеа од нашите интервенции, како и да добијат совети“.

Тргнуваме во обиколка со една патрола. Иако тоа не им е главна задача, одвреме - навреме полицајците фрлаат поглед во таблет и смартфон.

Понекогаш некој твит е целосно промашен. На пример, еден следбеник сака да знае како најдобро да прошверцува џоинт во авион. „Како би било да пробаш со кутија цигари“, предложила полицијата на шега. Но, претпоставените не биле многу одушевени од неа.

„Пет дена потоа не спиев, но тоа е ризикот кога човек перманентно твитува, директно и брзо, секој ден,“ вели Карлос Гера.

Но, севкупно, Твитер-акаунтот на шпанската полиција е успешна приказна. Набрзина една снимка, а потоа повторно твитување. Зашто, симпатизерите на оваа кул-полиција треба и натаму да се множат.