1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Жежок септември на Цетиње

Радомир Крачковиќ
1 септември 2021

Тешки зборови, најавени протести, а ни судири не се исклучени. Пред востоличувањето во Цетиње на црногорско-приморскиот митрополит на СПЦ, Јоаникијe јавноста во Црна Гора е длабоко поделена.

https://p.dw.com/p/3zgUx
Montenegro | Joanikije Micovic und Littoral Joanikije
Лидерот на владејачката партија Вистинска Црна Гора, Марко Милачиќ и митрополитот ЈоаникијеФотографија: True Montenegro

Ситуацијата во Црна Гора повторно е заострена. Нов повод е најавеното востоличување на митрополитот црногорско–приморски на Српската православна црква, (СПЦ) Јоаникије во Цетинскиот манастир во недела на 5 септември. 

Многу граѓани на Цетиње како и опозицијата собрана околу Демократската партија на социјалистите тоа го гледаат како „завршен чин на окупација на Црна Гора од страна на Србија и СПЦ“, откако на минатогодишните избори на кои како што велат „Црна Гора ја презеде просрпска и клеронацистичка власт.“

Некои јавно порачуваат дека нема да го дозволат востоличувањето бидејќи Цетинскиот манастир е повеќевековен духовен центар на Црна Гора. Од друга страна, Црногорско-приморската митрополија на СПЦ, која со минатогодишните литии против поранешната власт одигра клучна улога во нејзината смена, а потоа влијаеше и на изборот на новата Влада порачува дека нема да се откаже бидејќи Цетинскиот манастир е нејзино седиште и смета дека има целосно право да го изврши овој чин онаму каде што сака. 

Подгревање на тензии

Граѓаните кои се противат на востоличувањето најавуваат протести во Цетиње во недела. Веќе еднаш се собраа на 22 август со црвени црногорски знамиња и бараа од СПЦ церемонијата на востоличување да ја изврши во својот храм на Христово воскресение во Подгорица. 

„Не е умно да се инсистира на востоличување на митрополитот на СПЦ во Цетиње“, порача и претседателот на Црна Гора и лидер на опозицијата, Мило Ѓукановиќ најавувајќи дека и самиот ќе учествува на протестите тој ден. Челниците на владата го обвинија дека со таквата изјава само провоцира конфликт, а премиерот Здравко Кривокапиќ му одговори дека востоличување ќе се случи и дека државата ќе го обезбедува настанот.

Montenegro Podgorica | Neue Regierung | Zdravko Krivokapic
Премиерот Кривокапиќ и претседателот Ѓукановиќ во постојан клинчФотографија: Filip Filipovic/Getty Images

И лидерот на владејачката Вистинска Црна Гора, Марко Милачиќ го обвинува Ѓукановиќ за поттикнувањето тензии. „Тука се и криминално–политичките структури кои и понатаму се под негова контрола. Пред се мислам на делови од поранешната тајна полиција која не е расформирана во целост, како и со нив поврзаните криминални структури кои и понатаму се надеваат дека Ѓукановиќ ќе ја одржи својата позиција,“ тврди Милачиќ за ДВ. 

Од друга страна функционерот на опозициската Социјалдемократска партија (СДП), Мирко Станиќ, родум од Цетиње, за ДВ вели дека „тензиите ги креваат оние кои сакаат да го востоличат Јоаникије на Цетиње бесрамно со сила.“ И локалниот парламент во Цетиње ја повика СПЦ да го префрли востоличувањето во Подгорица, а црногорската полиција да го прогласи како настан од висок ризик и да го забрани. 

„Се игнорира волјата на граѓаните на Цетиње, Собранието на престолнината, се игнорираат повиците на политичките партии, НВО секторот, на наши меѓународни пријатели...Наспроти тоа стои исклучиво силата на власта, поттикната од радикални елементи внатре во неа, на кои европска, граѓанска и мултинационална Црна Гора им е состојба која би сакале итно да ја укинат во корист на српскиот свет,“ порачува Станиќ. 

Чиј е Цетинскиот манастир?

Мобилизацијата на двете страни трае веќе десетина дена, проследена со закани на социјалните мрежи меѓу кои има и такви пораки дека Цетиње ќе биде нова Сребреница. СПЦ во меѓувреме се откажа од носење на верници со автобуси во Цетиње, за како што вели, да ги смири тензиите, но има најави дека дел од верниците сепак ќе дојдат. Ќе ги пречекаат противници кои не се откажаа од протести така што е јасно дека е голема опасноста од судири. 

Станиќ порачува дека промена на локацијата на востоличување во Подгорица е единствениот начин да се обезбеди мир и спокој за граѓаните на Цетиње и Црна Гора. Милачиќ пак смета дека тоа не треба да се направи. 

„Од проста причина што Цетиње и Цетинскиот манастир стотина години е седиште на Црногорско–приморската митрополија. Секое друго сценарио би било сериозен преседан и еден вид симболичен пораз за Црна Гора,“ порачува Милачиќ. 

И самиот Јоаникије додава дека Цетинскиот манастир е „светосавски трон кој и припаѓа на Црногорско–приморската митрополија и на Српската православна црква“. На противниците им порача дека „ако не сакаат мир, тогаш ќе ги фати клетва.“ 

Станиќ пак повторува дека ова е груб атак на црногорскиот национален и државен идентитет бидејќи „пред насилното укинување на афтокефалната Црногорска православна црква и нејзиното припојување кон српската во 1920 од страна на српскиот крал Александар Караѓорѓевиќ, сите црногорски митрополити се бирани на општонароден црногорски собир пред Цетинскиот манастир, а сега таа традиција е прекината, а митрополитите се бираат во Белград.“ 

„При тоа круговите во кои е избран Јоаникије, како и националистичката екипа која го поддржува, не ја признаваат ни црногорската нација, ни црногорската државност, со што го губи правото да биде востоличен во манастирот на Цетиње кој е седиште на црногорската духовност, но што е позначајно - и на црногорската државност”, вели Станиќ.

Montenegro | Kloster von Cetinje
Манастирот во ЦетињеФотографија: Tijana Pravilovic

Тој порачува и дека „манастирот во Цетиње е во сопственост на Престолнина Цетиње и дека заради тоа СПЦ мора на Цетиње со многу поголем сензибилитет да се грижи за волјата и желбите на православните Црногорци“. Манастирот во катастарот е официјално запишан како имот на Престолнина Цетиње, додека Митрополитијата тоа го оспорува и тврди дека се работи за грешка која не се исправа и покрај судските пресуди. 

Како ќе реагира државата?

Митрополијата на востоличувањето го повика и претседателот Александар Вучиќ, кој деновиве ќе одлучи дали ќе прифати да дојде. Сепак порача дека мора да води сметка за интересите на српскиот народ и да не предизвикува тензии и му посака многу успеси на Јоаникије. 

Станиќ смета дека евентуалното доаѓање на Вучиќ никако не би ги намалило тензиите, а Милачиќ порачува дека нема ништо против тоа претседателот на Србија да дојде, бидејќи ќе дојде и српскиот патријарх Порфирије кој ќе го востоличи Јоаникије. 

И покрај тензиите место за востоличувањето останува манастирот во Цетиње, но само во присуство на свештениците, што според Милачиќ е мерка на компромис и “импулс на разумот”. 

„Уште еднаш како и секогаш низ нашата историја се покажа дека Црквата е најмногу подготвена да работи на помирувањето на раскарани браќа и со посебен сензибилитет да го напипа пулсот на нашиот народ”, вели Милачиќ.

Тој ги повикува политичките противници веќе да не ги “хушкаат” граѓаните. Заклучува дека државните органи треба на сите учесници во чинот да им гарантираат безбедност и сигурност, но и уживање на сите демократски права и слободи. 

За Станиќ тоа не е никаков компромис и тој повторува дека јавноста и граѓаните на Цетиње бараат востоличувањето да се случи на друга локација. Тој ја повикува и полицијата да го забрани чинот бидејќи и порано забранувала поединечни собири на припадници на ЦПЦ и СПЦ од безбедносни причини. 

„Државните органи треба да се однесуваат идентично во идентични ситуации, освен ако немаат желба една верска заедница да се става над Уставот. Во тој случај граѓаните на Цетиње и Црна Гора ќе знаат да одговорат на тоа кршење на основните норми на кои се заснова модерна, европска и граѓанска Црна Гора”, заклучува Станиќ.